Архива Контакт Редакција Маркетинг Претплата
Барај
период од-до
-
Печатено издание
Политика Македонија Економија Хроника Коментари Свет Култура Спорт Скопје Забава Хороскоп
Култура
07.03.2012, 18:01

Денес е најважно да не капитулирате како човек

„Отсекогаш сум верувал дека е многу поважно да се биде одошто да се има“, вели Венко Андоновски, писател

Тина Иванова

Господине Андоновски, во Драмски се подготвува „Генетика на кучињата“, претстава по Ваш текст, која е македонска верзија на познатата „Господа Глембаеви“ на Крлежа. Колку се, ги има ли многу, и какви се, всушност, македонските Глембаевци кои, се чини, се родија и се развија во оваа наша долга транзиција?


Нема гратче во Македонија што нема свој локален моќник, кој се има одметнато од државата и за кого не важат законите. Имаат натрупано толку многу материја што не се обврзани на никакви, дури ни на морални закони, иако, нагласувам, количеството материја не е пресудно за да се биде македонски Глембај, туку апетитот по неа. Да е жив Кочо Рацин да ги види, би ги повлекол сите свои социјални песни на доработка или, пак, би се откажал од својот експресионистички копнеж по подобар свет. Тоа што нашите, македонски ГлембаевСКИ се толку збеснати од и за приграбување материја, тоа што за нив нема ниту морален, ниту пишан закон, тоа некако се „пегла“ со нивно „царинење“ во разни партиско-мафијашки групации. За да си ги измијат рацете, плаќаат „царина“ и спонзорираат политички групи и групации кои им прогледуваат низ прсти.

Инаку, „Генетика на кучињата“ е целосно изворен текст. Тој не е преработка на „Господа Глембаеви“ на Крлежа, туку македонска реплика на тој текст. Тој е интертекстуална алузија на него и ништо повеќе. Па и не би можел да биде нешто повеќе - кај Крлежа оние што не го признаваат ни моралниот закон барем имаат сина крв. Во нашиот, македонски случај, тие се со улично потекло, но на еден општествено организиран карневал изигруваат господа. И уште нешто: нагласувам дека тоа е литература. Има врска со стварноста, но не директна. Има и уметничко преобликување. Има и универзалии преземени не само од Крлежа, туку од сите светски дела кои се занимаваат со анатомијата и генетиката на злото. Затоа, не треба да се бараат директни прототипови во стварноста за ликовите во драмата - тоа би го вулгаризирало делото. Јас лично имам многу пријатели кои имаат пари, но не се Глембаевски. Напротив, хумано помагале секаде каде што можеле. Познавам и многу кои имаат помалку пари, кои се „ситни риби“, а сепак се однесуваат како Глембаевски. Проблемот во драмата не е црно-бело поставен: поентата не е дека богатите се лоши, а сиромавите добри. Заплетот во драмата настанува тогаш кога еден од семејството на ситни души со крупни конта решава да им го подари својот имот на бедните.

Алчноста не е новина, алчноста е тука отсекогаш, ние, луѓето, сме така родени да бараме повеќе од она што го имаме, да имаме повеќе од другите, но сето тоа се однесува на материјалната страна. Има луѓе кои се алчни и за знаење, се разбира. Сепак, кои се денешните алатки да се излезе од примитивната состојба на духот?

Денес најважно нешто е да не капитулирате како човек. Постојат проверени рецепти како најлесно да станете богат. Со минимум интелигенција, многумина луѓе го прават тоа. Влегувате во некаков клан, општествена групација, станувате послушен, добивате налози да извршите некои дела кои се косат со елементарната човечност или со вашето „јас“, се откажувате од него - и станувате богат. Впрочем, сведоци сме дека имаме моќни луѓе во општеството за кои воопшто не знаеме што се по образование, по струка и професија. Ние ги знаеме само како јавни, познати, богати и овластени луѓе кои ни ја кројат судбината. Отсекогаш сум верувал и верувам (и така ги воспитувам моите деца) дека многу е поважно (во духот на култната книга на Ерих Фром, или во духот на „Малиот принц“) - да се БИДЕ одошто да се има. И додека имате милион мали рецепти за тоа како да ИМАТЕ, немате рецепт како да БИДЕТЕ. А, се БИДУВА човек секој ден, на секое место, со секоја постапка. И се разбира, со учење. Тоа е единствената алатка која ни е на располагање. Учите не само да го спознаете светот, туку да се сознаете, на прво место, себеси. Да си ги научите можностите и границите. Кога тоа ќе го сторите, станувате скромен. Ако сакате да одите понатаму од своите граници, ќе мора да направите подвиг. А подвиг се прави само со поместување на сопствените граници и можности, без туѓа помош и поддршка, сами со себе, во четири очи. Со книга или учител (макар и духовен) пред себе. Многу е едноставно. Затоа е тешко. Како и во уметноста.

Друштвото на писателите на Македонија неодамна прослави 65 години од постоењето. На прославата, на која бевте и Вие по повод новата награда за критика, писателот Веле Смилевски во својот говор, меѓу другото, истакна и дека тешко на таа средина во која владеат творци и интелектуални молчаливци без смелост да го искажат својот став. Зар не сме ние таква средина, сега?

Јас лично не се чувствувам така. А, пак, моето морално воспитание не ми дозволува, од друга страна, да повикувам колеги да влезат во ров, ако веќе самите гледаат дека се војува, а нешто однатре не ги тера да постапат така. Тоа е како во една сцена од мојот „Кандид во земјата на чудата“, во која тројца вандали тепаат еден невин човек, а еден интелектуалец гледа и не реагира, туку нешто си бележи, под образложение дека внимателно следи што се случува, затоа што подоцна сака да напише статија, односно научен труд за насилството. Знаете, би било цинизам да повикувате луѓе кои гледаат како се случува зло пред нивни очи, за да помогнат да се прекине тоа. Има нешта за кои не треба повик. Таква е љубовта. Како истите тие луѓе многу добро знаат, без директен повик да бакнат некого кој им се допаѓа во вистинскиот миг, а ваму не го чувствуваат мигот кога треба од љубов кон доброто да застанат на негова страна? Па дури и да ги повикате во ровот, дури и да влезат - чувајте се од нив, не вртете им го често грбот. Од такви соборци ми е преку глава. Обично влегуваат во битка кога веќе се наѕира кој е победникот. Нема лек за тие работи. Испуштени се морално, човечки и религиозно од детска градинка. Не можете сега од Универзитет или од некоја уште повисока позиција да ги враќате во јасли.

Наградата „Димитар Митрев“ за книга критики на ДПМ ја добивте за книгата „А/Обдукција на теоријата“. Нема да Ве прашам дали Ви значи ова признание, тоа е сигурно, но ќе Ве прашам ако обдукцијата не е за луѓе со слаб желудник, тогаш абдукцијата ќе го реши проблемот?

Мојата книга, всушност, е преиспитување на една теорија за која многумина помодни теоретичари и критичари сметаат дека е мртва. Станува збор за теоријата на знаците или семиотиката. Книгата има двосмислен наслов - од една страна, се предлага обдукција на теоријата, затоа што, наводно, таа е мртва. Од друга страна, многу помодни филозофии и методологии со абдукција на некои делови од токму таа теорија си создадоа нови теории, само со просто преименување на семиотичкиот вокабулар. Па ако некоја теорија, вклучувајќи ја и семиотиката е навистина мртва, зошто избираат цели делови од неа, потем само ги преименуваат (ревокабуларизираат) нејзините поими, за на крајот да парадираат како да измислиле нешто сосема ново? Книгата е всушност опомена дека сите теории и практики (вклучувајќи ги и дискурзивните) мора одвреме-навреме да се тестираат. Ако се мртви навистина, да се обдуцираат и да се види причината за нивната смрт. Ако не се, со абдукција, отфрлање на мртвото да се оживее старото. Ако тоа редовно се правеше, немаше да дојдеме во ваков идеен ќорсокак во каков што сме сега (мислам глобално, на целиот свет, не само на Македонија).

На сите појави, промени во општеството, негативни или позитивни, реагирате со пишување. Со пишување колумни, пред се', ама и со романи, драмски текстови. Гледате ли, чувствувате ли реакција од другата страна, има ли некаков ефект тоа што го зборувате?

Мене ми се чини дека нема, иако некои мои пријатели ми тврдат дека има. Се повикуваат на читаноста на колумните, романите, на гледаноста на драмите. Јас, пак, имам чувство дека со сето тоа само си создавам непријатели. Кажав и во ДПМ: ми се чини дека се занимавам со целосно бесполезен занает. Сепак, има ли нешто повозвишено од бесполезното? Па, убавината е најбесполезната работа. Или, пак, грешам, затоа што бранам старомодно мислење од деветнаесеттиот век? Зашто денес, ако ја грабнат убавината в раце постмодерниве трговци, ќе ја оковаат и како бело робје ќе ја продаваат по разни пазари на идеи. Ќе ја направат „полезна“. Од типот - како да станете атлет за само 30 дена и 30.000 денари, како да станете успешен менаџер со краток курс по менаџирање за само 2000 евра... Не Ви се чини ова познато? Само уште што не рекле гласно - „Како да станете министер или амбасадор за само една година?“ Ајде, да не говорам повеќе. Кај нас секоја критика се сфаќа не како желба да се подобри ситуацијата, туку како желба да му го земете местото на оној кого го критикувате. Мислам дека сум јасен. А и да не сум - сфатете ме како целосно бесполезна појава во полезно време. Дури и да станам полезен, ако времето е бесполезно, повторно никакво фајде од мене.


Статијата е прочитана 4577 пати.

Испрати коментар



„Аларм 2
Дуке Бојаџиев со нов материјал во Њујорк
Треба да се измисли револуција



jovan, 08.03.2012 00:33:26
*сведоци сме дека имаме моќни луѓе во општеството за кои воопшто не знаеме што се по образование, по струка и професија.* Site se so doktorati. Normalno, od tipot na Latas i onoj zastavnikot Bojo. Taka da, po *Zakon* site se *akademski gragani* ,a vo dusa se ulicari, prostaci, malogragani, so znaenje i intelekt daleku ispod prosek. Licno znam sinovi i kerki na mokni tajkuni (kriminalci jas si gi vikam) koj *zavrsile* vo America, a Angleski znaat edvaj na ulica da se razberat. Denes e lesno diploma da kupis.
Viki, 08.03.2012 01:44:43
Zosto vaka ne zboruvas vo kolumnite. .. би било цинизам да повикувате луѓе кои гледаат како се случува зло пред нивни очи, за да помогнат да се прекине тоа. Има нешта за кои не треба повик. Таква е љубовта. Како истите тие луѓе многу добро знаат, без директен повик да бакнат некого кој им се допаѓа во вистинскиот миг, а ваму не го чувствуваат мигот кога треба од љубов кон доброто да застанат на негова страна? Па дури и да ги повикате во ровот, дури и да влезат - чувајте се од нив, не вртете им го често грбот... Обично влегуваат во битка кога веќе се наѕира кој е победникот. Нема лек за тие работи.. Odlicno intetrvju vo rritamot na Venko od najdobrite pisanija. I BTW, ubavinata e mnogu polezna od darvinisticka gledna tocka i zatoa najverojatno opstanuva duri i niz nepolezni vreminja. Svedena na nekolku retki mutanti koi procvetuvaat vo soodvetnoto vreme. No dali da se zrtvuvaat uste nekolku dusi za da im se dade sansa na tie geni da preziveat do toj den?!
Mira Dobreska, 08.03.2012 07:44:23
Vo nasava kultura malku imame vakvi profesori. Mu se divam na Venka. Manifestot za jazikot sto go napisa so Dokuzoski, Esma Redzepova i ostanali od kulturata i estrada e razveanoto zname na nasiot identitet. Jas i moite deca go potpisavme vo domot na ARM. Nie sme vo rovovi. Mozda nekoj za nas ke pisuva, a najdobro e da bide pisatelot na drami Venko.
Stipjanec, 08.03.2012 07:53:34
Venko, potpolno si vo pravo! Denes ziveeme vo DEMO(N)KRATIJA, Pazarno stopanstvo, Pazarno-biznis obrazovanie;se moze da se stavi na PAZAR i da se kupi. Diplpma, Doktorat, Minister, Akademik-se se sveduva na ta prokleta matematika i KOMBINATORIKA. Ke te napravat Akademik, ne za Papokot na svetot tuku zaradi toa da se vklopish vo makedonskata SHEMA- da gledash ama da ne go viduvash toa pokraj tebe sto se slucuva. Ne smeesh nitu zbor da kazesh za Antikata, Aceta, Barokot koj go krasi centarot na Skopje, za Tajkunite i za mnogu drugi (ne)vidlivi neshta. Ako ne se vklopuvash vo ovaa SHEMA - ti si nikoj i nisto, i ke si ostanesh kako eden obicen pisuvash na kolumni
Alek®, 08.03.2012 07:59:14
Одлично, професоре. Уште да почнете да ги нарекувате работите со вистинското име онаму каде што велите „Само уште што не рекле гласно - ’Како да станете министер или амбасадор за само една година?’ Ајде, да не говорам повеќе.“ Тоа би било вистински полезно.
Љупчо, 08.03.2012 10:45:14
Отсекогаш било важно да не капитулираме како луѓе, но тоа особено важи за денешно време бидејќи човекот е растргнат на сите страни, неговите страсти зовриваат а подложен е и на притисоци од секаков вид. Мораме да го јакнеме нашиот дух и покрај сите тешкотии, за да го задржиме човечкото во себе. Тоа навистина е тешко, но кој претрпи до крај, тој ќе биде спасен.
sime, 08.03.2012 12:17:29
Se gordeam so vkavi lugje kako Venko zatoa sto se rredkost vo nasava Makedonija,mudar duhovno bogat,a sepak skromen.Malku lugje ke go razberat toa sto go poentira.
Snezan Pirejski, 08.03.2012 12:26:00
убавината е најбесполезната работа Golem Pozdrav !!!
граѓанин, 08.03.2012 13:16:37
Секоја чест за храброста и одважноста.Тоа зборува за Вашиот дух но и неизвалканоста .Немаза шо да Ве „држат“..Оти Вашите колеги кои молчат „должат “ некому и се плашат од губење на позиции, привилегии или се вплеткани во сомнителни ситуации... Ова власт се труди да владее со соопствениот народ на најнедемократски начин, кој е спротивен и со начелата на нивната матична демохристијанска идеологија ...и нивниот прокламиран антикомунизам... Продолжете да зборувате гласно, затоа што „вашата бесполезност“ е силна храна за гладните за слобода...
Katerina Angelo, 08.03.2012 18:32:50
Венко и во обичен разговор звучи како да читате есеј, со задоволство човек да ги чита интервјуата,
se prasuvam, 08.03.2012 19:41:39
Se prasuvam zosto posvetuvate vreme i prostor da gi kritikuvate lugeto koi gi narekuvame moknici, lokalni serifi, tajkuni, luge koi ne mislat so svoja glava, manipulatori, a uzivate vo nivnoto opkruzuvawe. Nikogas ne uspeav da si najdam odgovor na ova prasawe.
MA, 08.03.2012 22:00:35
SEKOJA CEST PROFESORE.

„УТРИНСКИ ВЕСНИК“
ЕЛЕКТРОНСКО ИЗДАНИЕ

  


Site Meter


Време
Скопје, 3°C

Облачно

Недела
Локални грмотевици
Макс: 9°C, Мин: 1°C

Понеделник
Локални грмотевици
Макс: 6°C, Мин: -1°C
овозможено од Yahoo! Weather
НајчитаниНајкоментирани

Дневник  | Вест | Теа Модерна | Огласник24

Онлајн издание | Вести | Магазин | Спорт |
Печатено издание | Политика | Македонија | Економија | Хроника | Коментари | Свет | Култура | Спорт | Скопје | Забава | Хороскоп |