09.03.2012, 19:02 Анализа
Cif? Не, благодарам!
Радмила Шекеринска
Зошто во рекламите за средства за чистење се појавуваат само жени од сите генерации. Зошто од тие сексистички реклами мажите се секогаш некаде отсутни – и дедовците, и сопрузите, и синовите
Се ежам од „пригодност“: од изнасилените пригодни прослави, од стопати прочитаните пригодни говори, од вообичаената реторика и сценографија, од формалноста на кажаното и неинвентивноста на виденото. Фалш е кога зборуваме за правата на лицата со хендикеп само на 3 декември. Банално е „спонтано“ да зборуваме за дрвја само кога Владата ќе ни нареди да ги садиме, а уште „поспонтано“ да молчиме кога таа ќе одлучи да ги сече. Фалш е за правата на децата и жените да мислиме само на 20 ноември и 8 март...
Е, од тие причини досега бегав од „пригодни“ колумни: да не звучам фалш, а и да не се изгубам во доминантниот (еднодневен) шум. Денес ќе отстапам од тоа правило. Некако, коцките се склопија и... нема бегање.
Ќе почнам директно. Од денес веќе нема да купам ниту еден продукт од средствата за чистење на домаќинство Cif. Ветувам. И ве повикувам и вас да го сторите истото. Без одлагање.
Изненадени сте од мојот предлог? Сигурна сум. Си велите, што е сега ова: ќе пишува ли колумна за средства за чистење? Но, ве молам не губете трпение и се' ќе ви стане јасно.
Еве како почна сето ова. Пред неколку дена работев низ дома, со едно око следејќи ги вратоломиите на ќерка ми, а со другото ѕиркајќи го вклучениот телевизор. Типична вечер, како стотици пред неа. И... погледот ми го украде една реклама, која дотогаш ја немав видено. За продукт кој стопати сум го земала од полиците на супермаркетот и кој (до таа вечер) беше редовно присутен и кај мене дома. Да, тоа е споменатиот Cif. Во новата реклама, се' беше стандардно: певлив рефрен кој кажува дека средството Cif прави „чуда“ во домот, актерки кои чистат со пеење и уживање, полни со благодарност кон производителот кој ги „спасил“ од тешка работа. Вообичаено, актерките изгледаат убаво и спастрено, небаре завршиле со визита, а не со домаќински работи. Нормално, нема домаќини, туку само домаќинки, бидејќи „се знае чија работа е да го држи домот под конец и кристално чист“.
Велам „нормално“, не затоа што тоа ми се допаѓа или го поддржувам, туку затоа што и јас (за жал) се навикнав на ваквите стереотипи со кои не' бомбардираат рекламните агенции и нивните клиенти. Но, оваа нова реклама на Cif отиде уште неколку чекори „понапред“ од конкуренцијата. Имено, спотот прво ја прикажа насмеаната баба како задоволно чисти; потоа нејзе и' се придружи и расположената ќерка (или снаа) воодушевена од „задоволството“ кое и' го дава „чудотворното“ средство; за крајот да го крунисаат и со среќната ќерка и внука која се приклучува на семејната „веселба“ и пее во слава на „неприкосновениот“ Cif!
Што е многу, многу е! Три генерации „домаќинки“ ја прелија мојата чаша! Кога баба ми ги гледала првите реклами на телевизија, овие работи не и' пречеле. Или барем јас на тоа не се сеќавам. Кога мајка ми ги гледаше „домаќинските“ реклами, одвреме-навреме ќе ми искоментираше дека жените не се „само за по дома“, но без особена огорченост. Или барем јас тоа не го забележував. Кога јас ги гледам новите верзии на старите стереотипи, коментирам „на шега“ и со критика дека фирмите ништо не научија ниту променија. Но, кога гледам дека мојата ќерка ќе гледа „надградени и проширени“ верзии на истиот сексизам... е, тогаш морам да реагирам! Бидејќи времето не може да стои во истата патријархална точка повеќе од педесет години. Не може. Не смее. Или поточно: не смееме да му дадеме да стои.
Според новава реклама: дедото и таткото се пословично отсутни. Тие имаат поважни работи. Државнички. Гледаат телевизија. Коментираат политика со соседите. Го контролираат далечинскиот. Го полнат буџетот... Немаат време за чист дом. Немаат потреба за такви практични ситници. Имаат кој друг тоа да го прави место нив. И тука ништо не завршува.
Третата генерација се приклучува на општествениот непишан договор: внукот (и син) никаде го нема во „домаќинската слика“. Тој или учи или игра фудбал. Тоа од него се очекува. Утре да биде успешен во својата професија поради знаењето (кој учи, тој знае; кој знае, тој има... најчесто) или добрите социјални контакти (успешен си колку што знаеш успешни луѓе... а, не ги потценувајте врските кои се прават играјќи фудбал или кошарка, или пиејќи кока-кола и пиво потоа). Да, внукот е поштеден. Но, затоа внуката (и ќерка) мора да ја продолжи низата. Нема зошто таа да троши време на премногу учење, спорт или квалитетна дружба. Не дај боже да забега по наука или кариера. Како ли утре ќе ја омажиме? Затоа, најсигурно е да се вежба дома: како да исчисти подобро и побрзо и како да го избере најдоброто средство за тоа.
Некој од вас ќе помисли дека се занимавам со ситница. Ќе рече: „Па тоа е сепак само една реклама“. И нема да биде во право. Рекламите одамна не се „само реклами“. Тие се пораката која им ја вградуваме на нашите деца кога растат. Тие се сликите со кои ги бомбардираме. Тие се барањата кои пред нив ги поставува општеството и средината. Тие станаа поважни од животот. Тие се реклами, но одамна не се ситници. И не треба да ги потценуваме.
Затоа, треба да бараме и тие нас да не не' потценуваат. Да не ни ја потценуваат интелигенцијата и одговорноста. Не само на бабите и мајките. Туку и на оние татковци кои на своите ќерки им посакуваат повеќе од „престилка и лонец“. На оние родители кои на своите синови и ќерки им посакуваат живот во нормална и модерна (а не заостаната) Македонија. Да не им ја потценуваат интелигенцијата и амбицијата на оние млади девојки и момци околу нас за кои „небото е граница“. Оти тие се утрешните потрошувачи. И нема да купуваат Cif. Нема да купуваат од фирмата која ги потценува и понижува. Која ги сведува на стереотипи. Која ги враќа назад. Која ги држи во модерна верзија на „средниот век“.
Еве што пишуваше во една британска брошура пред десетина години: „Бидејќи работата на жената никогаш не запира. Бидејќи работата ни е неплатена или потплатена. Бидејќи ние сме првите кои ги отпуштаат. Бидејќи тоа како изгледаме е поважно од тоа што правиме. Бидејќи ако не' силуваат, сигурно самите сме си го барале. Ако не' тепаат, сигурно сме провоцирале. Ако се побуниме, сме кучки... Бидејќи ако бараме градинки, сме себични. Ако си ги бараме правата, сме агресивни и неженствени; а ако не - тогаш сме типични слаби жени... Бидејќи ако сакаме да се омажиме, тогаш сигурно некого ќе фатиме во ’замка‘, а ако не сакаме – тогаш одиме против природата... Бидејќи се' уште не можеме да добиеме сигурна контрацепција, иако човекот стигна до Месечината... поради сето ова и многу други причини ние се' уште се бориме за женските права“. За жал, се' уште е актуелно.
Не е ова колумна за 8 Март. Како што реков: само се поклопија коцките. Но, можеби испадна за добро. Можеби наместо кафеана и музика, ќе избереме акција. Да не ги купуваме производите Cif. Можеби нашите сопрузи, татковци и пријатели наместо цвеќе и подароци, ќе изберат поддршка. И тие да не ги купуваат производите Cif.
Што би рекле во старата брошура - бидејќи оние кои живеат од нашите пари, мора да научат да ја ценат нашата личност. Бидејќи во спротивно, треба да ја почувствуваат нашата сила. И реакција. И казна. Бидејќи немаме само раце за чистење. Туку и паричник. И одлука. Бидејќи нашите ќерки и синови не треба да ги препуштиме на истите стереотипи и предодредени улоги... поради сево ова и многу други причини... ајде да ја испратиме пораката. Да ги казниме. Да не купуваме производи Cif... додека не ја променат рекламата.
(Авторката е пратеничка и членка на СДСМ) |
|
Статијата е прочитана 4323 пати.
|
Испрати коментар
|
|
jovan, 10.03.2012 00:40:16 | Jas ke se zadrzam okolu delot za reklamite, mozebi komentarov i ne e vo kontekst so tekstot, no neka bide eve kako dodatok na tekstot. Vo Italija pred nekoja godina, eden italjanec povika da ne se kupuvaat proizvodi koj se reklamiraat, so prosto objasnuvanje deka reklamiranjeto e skapo, pa site tie trosoci potoa nie gi plakame. Povika da se kupuvaat samo proizvodi koj gi nema na TV. Pa sega namesto da go bojkotirame ovoj ili onoj proizvod poradi nacinot na reklamiranje, mozebi ovoj italjanot najpametno zaklucil. Ne kupuvajte nisto sto (skapo) se reklamira. Na kraj kraeva reklamata nie ja plakame kupuvajki go proizvodot. |
| perica, 10.03.2012 02:16:11 | Rado,ko Roza Luksemburg si,zimi sve.
|
| USA, 10.03.2012 02:27:46 | Bez razlika na pricinata, koj potencijalen Premier se zanimava so povik za bojkot na nekoj proizvod? Sto znam, samo taka si pomisliv !!!! |
| kanagjanka, 10.03.2012 08:01:30 | Има и реклами со мажи за средства за чистење, но тие се европски.Јас како македонска жена ги купувам тие средств.Kолумната е одраз за состојбата кај нас - генерално. Нашите мажи се неспособни една држава да направат, а камо ли еден тоалет да исчистат.Да е до мене само вие Радмила, евентуално со Теута Арифи во комбинација би можеле да ја светнете Македонија. |
| dobar den, 10.03.2012 08:17:03 | Mila g. Radmilo, moja krvna grupa ste! Točno se slagam, no ova tema (ravnopravnost - ženi - maži) e za 100 godini diskusija, nema šansa da ja rešime sega - koreni se vlečat ušte od pešteri i neandertalski luge. Predlog: negledajte voopšto reklami, oti se stvoreni samo za da nekoj vi gi zema vašite pari!!! Vo reklama sekojpat domakinkata i nejzino semejstvo se srekni, ubavi, perfektni. Princip: ve tera potsvesno da se trudite i vie da ste takvi, a toa ke go postignete samo so kupuvanje konkreten reklamiran proizvod. Tuka nema mesto, samo kratko: zošto žena da go tera soprugot, da čisti kuka itn., ako on raboti druga rabota i plus ja hrani familijata: zemjodelie, fabrika isl? No ako XX familii živeat vo stanovi, život protiv priroda, ako maž i žena se zaposleni i po doagjanje od rabota, umoreni, maž legnuva kaj TV a žena nastapuva vo svoja funkciaj domakinka..i ušte treba da čisti so Cif..! maž bi trebalo da pomaga so domašna rabota! Tolku, mnogu skrateno! Srdečen pozdrav do vas! :-) |
| ergen, 10.03.2012 09:38:23 | Rado,ovie zemjata ja zadolzija do gusa vie opozicijata za CIF-kate za reklami...kakva e ovaa situacija? |
| ГЕОРГИ, 10.03.2012 10:45:20 | Госпоѓо Шекеринска, што мислите колку жени работеле сред зима на пр. за замена на 400 киловолтниот прекинувачот во ТС Битола, подигање на паднати столбови од далекуводи на - 15 степани и едно метро снег, изградба на згради со опасности по живот, асфалтирање улици, копање руда итн. Ниедна ! И сега кога ќе дојде дома работникот кој висел на столб од 30 м треба да ги измие садовите. Помислите малку кои се опасни работи ги работат мажите и колку мажи страдаат на такви работни места. Да не должам купувајте и понатами Cif вршете ги успешно домашните работи. Поздрав ! |
| Janakiev Nikola, 10.03.2012 12:21:13 | Kole10.3.2012god
Na onie roditeli koi na svoite sinovi i kerki im posakuvaat zivot va normalen i moderen(a ne zaostanata)Makedonija.Da go sakas svojo sin i svojata keraka i majka nee nisto sekoj si gi sasaka,dagi sakas drugite tova e nesto.Kako za vasite deca nee dobra Makedonija sto imat roditeli sto sve za ninite deca da ima previse,a na MAKEDONSKITE DECA NETREBA NI DOVONO MLEKO |
| Димитар, 10.03.2012 12:38:57 | Браво Радмила,одлична колумна!Се сложувам дека не може за правата на жените,на децата,на лицата со инвалидитет да говориме само на меѓународниот ден.Постојано треба да се испитуваме до каде сме,кој ќе биде следен чекор,со цел подобрување на нивната положба во општеството.Што се однесува до рекламите,во право сте:И на рекламата на Cif,и на рекламите на Top Shop жената е таа што постојано ја држи крпата или правосмукалката.
Цврсто стојам на ставот дека жените треба да ги добијат заслужените права,да не се гледа кон нив како предмет или единствено како личности за во кујна.Рамноправност!!!
|
| Bingo, 10.03.2012 17:11:06 | Za bilo sto da zboruvate , pokraj mnogu lagi sto ste gi kazale, ednostavno vasite zborovi ne stignuvaat do mene, no neznam kako ja otvoriv kolumnava i vo nea custvuvam nesto vase, iskreno. Vo potpolnost se slozuvam, zenata se zloupotrebuva pri reklamiranjeto, kako samo mazi da kupuvaat, na saem za koli polugoli devojki legnati na koli, kancelariski materijali i sto uste ne gi reklamiraat devojcinja. |
| Нада, 11.03.2012 11:44:59 | Почитувана, се радувам што ја отворивте темата. За мене најиритнатен дел од рекламата е тоа што го нагласува моментот дека жената од мали нозе треба да ја прифати својата улога на домаќинка. Рекламата ни вика: подобро уште од девојче фати си ја метлата со песна, оти така полесно или повесело ќе ти биде.
Мене, пак, една друга реклама за средство за чистење ми го одвлече вниманието, зашто главниот лик во рекламата беше машко. Во една актуелна реклама на пронто, лепушкаст маж се движи од соба во соба и зборува за доблестите на универзалното средство за чистење. дур тој се движи во позадината гледаме жени кои си ја работат „својата“ работа. во еден момент мажот и се врти на една од жените за да и укаже дека оставила неизбришано некое делче. Е на ова стварно ми зовре крвта! Таман помислив дека ќе го покажат мажот како човек кој подеднакво е одговорен за домаќинските обврски, коа тоа мажот како прав деспод и феудалец и кажува на жената каде да подзачисти подобро! Језа! |
| lea, 12.03.2012 11:26:28 | Nikogash povekje Cif i proizvod od Office Plus |
|
|
|
|
|
„УТРИНСКИ ВЕСНИК“ ЕЛЕКТРОНСКО ИЗДАНИE
|
|
|
|
Време
|
Скопје, 22°C
Делумно облачно
|
Четврток
Ведро
Макс: 23°C, Мин: 8°C
|
Петок
Претежно облачно
Макс: 26°C, Мин: 11°C
|
|
|
|
|
Фељтон Јованка Броз - Титова Совладетелка (22)Вознемиреноста на Стане Доланц. Специјално за своите читатели „Утрински весник“ и „Медија принт Македонија“ ги откупија правата на објавување извадоци од книгата „Јованка Броз - Титова совладетелка“ |
|