10.10.2012, 15:08 Ја ранил љубовницата, го убил соперникот
Убиство и обид за убиство се случија во Гостивар. Шеесет и двегодишен маж е убиен, а 39-годишна жена се бори за живот во крвава љубовна пресметка. Напаѓачот е приведен, против него се подготвува кривична пријава, по што ќе биде предаден на истражен судија во гостиварскиот суд.
Крвавата драма се одиграла синоќа, петнаесетина минути по полноќ, на улицата „Мара Угринова“, во непосредна близина на Железничката станица во Гостивар. Според информацијата на СВР-Тетово, осомничен за злосторството е М.И. (51) од гостиварското село Чегране. Настрада 62-годишниот Имер. З., угостител од Гостивар, а Ќ.Р. (39) од Дебар се бори за својот ж��вот на скопските клиники, каде што е ставена на апарат.
На пукањето му претходела жестока вербална расправија меѓу чегранецот и дебранката, кои биле во подолга љубовна врска. Според неофицијалните сознанија, расправијата почнала во бифе во Железничката станица, каде што работел Имер З., а потоа расправијата продолжила и на улицата. Кулминација на недоразбирањата достигнала кога М.И. го извадил пиштолот „екол-туна“, калибар 6,35 мм (најверојатно модифициран) и од непосредна близина, на оддалеченост од околу половина метар, со еден куршум ја погодил љубовницата во главата, која се струполила на плочникот. Веднаш пукал кон соперникот и испукал два проектили. Едниот куршум го погодил во брадата, а вториот во градите. Двата проектили биле смртоносни за угостителот, кој починал на самото место.
Додека чегранецот пукал во жртвите, сосема случајно во близина се паркирал полициски службеник, излегол од возилото и тргнал да го спречи пукањето. Меѓутоа, како што изјавил полицискиот службеник, разулавениот пиштолџија му се заканил дека ќе пука и во него. Чегранецот го вперил пиштолот кон него, но при обид да пука - куршумот се заглавил во цевката. Полицаецот му се нафрлил и го совладал, а во меѓувреме пристигнало и полициското возило, па напаѓачот бил приведен.
На местото каде што се одигра крвавата драма, увид извршија истражен судија на Основниот суд - Гостивар, јавен обвинител и екипа на ПС - Гостивар. Увидната екипа, на улицата каде што се случи крвавата пресметката, го пронајде пиштолот со кој беше извршено злосторството, три чаури и еден проектил, како и други траги кои ќе бидат дадени на вештачење. По наредба на истражниот судија, безживотното тело на Имер З. беше дадено на обдукција. (K.K.)
|