10.10.2012, 11:42 Германија ги притиска Скопје и Атина за компромис
„ЕУ е преокупирана со еврокризата, но проширувањето останува приоритет на кој треба да се биде доследен“, вели Михаел Линк, државен секретар во германското МНР
Македонија постигна добар напредок и верувам дека тоа ќе се рефлектира и во извештајот за напредок на Европската комисија, оценува во изјава за Дојче Веле, Михаел Линк, државен секретар во германското Министерство за надворешни работи.
Имајќи го предвид се’ уште нерешеното прашање со името, Линк, меѓутоа, не е конкретен дека овој сигнал на Македонија ќе и биде испратен токму сега, но е дециден дека Ге��манија притиска и врз Скопје и врз Атина за постигнување компромис, а во Македонија гледа значаен партнер кој во иднина ќе биде дел од ЕУ.
ЕУ е преокупирана со еврокризата, но проширувањето останува приоритет на кој треба да се биде доследен, вели Михаел Линк.
Добриот познавач на Балканот, професорот Хајнц-Јирген Акст, пак, смета дека Европската комисија може да даде сигнал и препорака за почеток на пристапните преговори со Македонија, но додава и дека е реален и не верува оти Европскиот совет ќе даде импулс за нов развој на ситуацијата.
- Најпрво, не би ја потценил можноста ЕК да предложи да се одреди датум за пристапните преговори, што би било потврда дека Комисијата, која не е толку силно национално определена, гледа дека е постигната зрелост за почеток на пристапните преговори. Ова би било позитивен знак дека Комисијата сака да ја води Македонија во ЕУ. Европскиот совет секогаш го карактеризирале националните интереси, а тоа во моментов се оние на Грција, кои се тешки и во кои членството се условува и не се дозволува. Втора работа е што нема подготвеност од европските партнери на Грција да и укажат дека нејзината интерпретација е еднострана и недозволива, оценува професор Хајнц-Јирген Акст.
Тој смета дека и натаму важат европските перспективи ветени во Солун и нема причина за нивно ревидирање, но од друга страна оти мора реално да се каже дека во догледно време не може да се смета на натамошно проширување на ЕУ со земјите од Западниот Балкан. Причините за тоа според него се две: толку често цитираната замореност на Европската унија која е засилена со проблемите од актуеланата криза на еврозоната, но и несоодветниот обем реформи од очекуваните во земјите претенденти. За да се надмине стагнацијата во проширувањето која води во безнадежност, според професорот Акст, потребно е за земјите од Балканот повторно да се дефинираат среднорочните перспективи. (Дојче Веле)
|