10.10.2012, 12:24 Католичката црква oд 2013 година ќе плаќа данок на имот во Италија
Католичка црква во Италија ќе остане без историскиот повластен статус и од 2013 година ќе мора да плаќа данок на имот. Црквата моментно плаќа данок само за неколку недвижности во своја сопственост кои имаат комерцијална цел, но од плаќање данок се ослободени сите недвижности во кои постои некоја „некомерцијална“ дејност.
- Правната рамка ќе стапи на сила на 1 јануари 2013 година, на почетокот на фискалната година и ќе биде во согласност со европските закони, соопшти италијанската влада.
Владата во февруари измени и дополни закони за данок на имот со цел гаснење на црковните привилегии поради се погласните повици Ватикан да даде свој придонес во време на должничка криза кога сите граѓани се приморани на жртва.
Државниот совет на Италија, највисок италијански парничен суд, ја отфрли одлука за данокот, но владата инсистираше дека секој мора да плаќа данок на имот па и црквата.
ЕУ во 2010 година покрена истрага за тоа дали даночните олеснувања што ги има црквата во Италија може да бидат класифицирани како нелегална државна помош. Според весникот „Република“, дополнителните приходи од црковен имот на кој досега не се плаќаше данок, може само во Рим да донесат годишни приходи од 25,5 милиони евра. |