13.10.2012, 20:29 Попоски од Оланд побарал поддршка за датум за преговори
Шефот на македонската дипломатија учествува на 14. Самит на Франкофонијата што се одржува во Киншаса
Министерот за надворешни работи Никола Попоски разговараше со претседателот на Франција Франсоа Оланд на 14. Самит на Франкофонијата што се одржува во Киншаса, Конго, информира Кабинетот на шефот на македонската дипломатија.
Во разговорот Попоски нагласил дека Македонија очекува поддршка и од Франција за отпочнување на преговорите за членство во Европската унија.
Во текот на денот, Попоски остварил неформални средби и со премиерите на Луксем��ург, на Либан и на Монако, со вицепремиерот на Белгија, како и со министрите за надворешни работи на Ерменија, Лаос, Сенегал, Екваторијална Гвинеја, Валонија и на Квебек.
„Главниот акцент на средбите беа глобалните предизвици во контекст на економскиот развој и регионалните интеграции. Воедно, беше истакнато дека глобалното поврзување има позитивна улога и придонес во услови на економска криза и предизвици поврзани со климатските промени. Во своето обраќање, министерот Попоски ја нагласи поддршката што Македонија ја дава на Франкофонијата, како организација чии цели се глобални и се насочени кон поддршка на вредностите на демократијата и регионалната соработка“, соопштија од МНР.
|