11.10.2012, 14:39 Врачена државната награда „11 Октомври“
Во Македонската академија на науките и уметностите им беше врачена државната награда „11 Октомври“ за животно дело за 2012 година на академик Владо Камбовски и професор Димитар Мирчев - во областа на науката, на писателот и професор Веле Смилевски и оперскиот уметник Борис Трајанов - во областа на културата и уметноста, и на кардиологот Самуел Садикарио - во областа на здравството, спортот и хуманоста.
Наградите им ги врачи академик Георги Старделов, претседател на Одборот за доделување на високото признание за оваа година, кој истакна дека смислата на празниците е да се сеќаваме и да ги паметиме големите настани �� личности.
Пред присутните во МАНУ, меѓу кои беа и претседателот на државата Ѓорге Иванов и архиепископот г.г. Стефан, Старделов укажа на нешто кое, цитирајќи го поетот Шопов, рече лично „го притиска и пече“.
„Ние, Македонците, зафатени од брзи промени не успеавме да создадеме некои трајни константи - и во светот, и во политичката и во културната историја на нашиот народ. Поради тоа ни се случуваат некои историски настани и, особено, некои историски личности, на еден или на друг начин да ги релативизираме. За тоа, ми се чини, во последното столетие доказ е судбината на двајцата најголеми корифеи на македонската култура - Мисирков и Конески“, рече Старделов.
Во име на петтемина годинашни добитници на државната награда се заблагодари проф. д-р Самуел Садикарио, интернист и ендокринолог. Предложи овој ден, на кој се празнува јунаштвото, револуцијата и надежта во подобри нешта, во иднина да ги слави интелектуалците и интелигенцијата која, рече тој, е најголемата сила што ги урнала фашизмот, болшевизмот, маоизмот, пиночеизмот...
„Интелигенцијата е моќ, таа е сенка на Господ. Таа е како Светиот дух и е сеприсутна. Интелигеннцијата е таа која ќе го промени светот и која ќе ја промени Македонија“, рече д-р Садикарио.
Академик Камбовски изјави за медиумите дека наградата ја смета за големо признание и ја цени како важна симболика на голем датум од современата македонска историја. Писателот и универзитетски професор Веле Смилевски истакна дека наградата ја прима како сатисфакција за се' што создавал во изминатите 40 години.
|