10.10.2012, 10:03 Протести против Златна Зора во Њујорк
Во Њујорк вчера се одржаа протести против формирањето на разгранок на грчката нео-нацистичка партија Златна Зора.
Омбудсманот на Њујорк Бил дел Бласио, њујоршкиот сенатор Мајкл Јанарис, помала група Грци од левичарски здруженија, како и претставници на еврејски организации, се собрале на вчерашниот протест, да ја осудат политиката и присуството на Златна Зора во најголемата американска метропола.
- Стоиме тука со широка коалиција на грчки и еврејски лидери, за да испратиме јасна порака до партијата Златна Зора, која се обидува да навлезе во Њујорк, дека не сте добредојдени во нашиот град. Вашата омраза и нетрпеливост нема да поминат во Квинс, во најразновидната околија во Америка, каде луѓе од секоја раса, вера и националност живеат едни до други во хармонија, изјави дел Бласио.
Златна Зора своето присуство во Њујорк јавно го соопшти во средината на септември. Тие најавија дека отвориле штаб во њујоршката населба Асторија во Квинс, каде има голема грчка заедница, и дека собираат храна и друга помош за Грците, која ја испраќаат со назнака да се дели по етничка линија, „само за Грци”.
Интернет страницата, на која беше објавен видео спот на Златна Зора набргу по објавувањето во јавноста беше соборена во хакерски напад.
Како што јави дописникот на МИА од САД, точната адреса на штабот на Златна Зора во Њујорк останува непозната. Повиците за собирање помош беа насочени кон куќата во која е сместена Федерацијата на грчките здруженија во Њујорк, објект украсен со грчки мурали и со сонцето од Кутлеш на влезната врата. Од Федерацијата не одговорија на барањата за коментар за нивната поврзаност со Златна Зора. |