12.10.2012, 15:26 На Деве Баир запленет хероин од милион евра
Околу 13,5 килограми висококвалитетен хероин, вреден еден милион евра е запленет на граничниот премин „Деве Баир“. Дрогата била набавена во Турција, а преку Бугарија и Македонија, требало да заврши во западноевропските земји. Во акцијата е уапсен 54-годишен тетовец.
Според МВР, денеска околу три часот по полноќ, за влез во Македонија пристигнало „волво“ со тетовска регистрација, управувана од А.Ј. (54) од Тетово.
„Наркотичната дрога е пронајдена под тапацирите од возачкото и совозачкото место. Хероинот бил спакуван во три специјално изработени фолии со цел да се избегне неговото пронаоѓање при рентгенска контрола на граничниот премин“, велат од полицијата.
Истрагата утврдила дела А.Ј. ја презел дрогата од засега непознато лице од Турција и требало да ја транспортира до Македонија. Хероинот тука требало да биде преземен од турскиот државјанин, кој, пак, требало да ја пренесен во западна Европа.
„Поради неговите криминални активности, А.Ј. долги години наназад е предмет на работа на Одделот за недозволена трговија со дрога. Тој во 1999 година во Италија издржувал казна затвор во траење од пет година за недозволена трговија на седум килограми хероин“, укажуваат од МВР. Против тетовецот ќе следува кривична пријава. (Г.А.). |