13.10.2012, 11:56 Бесими: Препораката на ЕУ за преговори е порака спорот да се реши
Македонскиот министер за одбрана по неговите средби во Вашингтон
Препораката на Европската Комисија, за отворање на преговори за членство со Македонија без натамошно одлагање, е сигнал до Македонија и до Грција што побргу да се реши спорот за името, изјави министерот за одбрана на Република Македонија Фатмир Бесими, по неговите средби во Вашингтон.
- Спорот за името е неизбежна тема на ваквите состаноци и кога зборуваме за евроатланската интеграција секогаш се поставува прашањето до каде е напредокот во однос на спорот. Во посл��дниот извештај на Европската Комисија се повторува препораката до Советот на ЕУ да се определи датум за преговори без понатамошно пролонгирање. Ова е еден сигнал до двете страни, до Македонија и до Грција, ова прашање побргу да се реши во интерес на Македонија, Грција и регионот. Позитивен чекор е испратениот меморандум за разбирање од грчкото Министерство за надворешни работи и очекуваме да дојде до соодветни средби и да се дојде до решение за ова отворено прашање, изјави Бесими.
Министерот во Вашингтон имаше средби со Џејмс Милер, потсекретар за политика во Секретаријатот за одбрана, Џулиен Смит, заменик советник за национална безбедност во кабинетот на потпретседателот Џо Бајден, и со Филип Рикер, заменикот помошник државен секретар.
Во Вашингтон Бесими одржа предавање на универзитетот „Џон Хопкинс“, во кое упати пораки за меѓусебно разбирање и соработка кон Грција, како и за исполнување на даденото ветување – членство на Република Македонија во НАТО.
За време на прашањата, гласно смеење во салата предизвика грчки учесник кој на министерот Бесими „му одржа предавање“ за грчката историја на Македонија и ги обвини македонските власти за иредентизам, покажувајќи фотографии од мапи на древна Македонија во македонските училишта и од собири на македонската дијаспора во северна Америка.
- Македонија и Грција имаат секојдневна размена, во туризмот, за шопинг, за бизнис, со грчки инвестиции. Мојата сметка е во грчка банка, секое утро автомобилот го полнам со бензин од грчкиот инвеститор Окта. Да, треба да најдеме решение и Македонија да стане членка на НАТО, што е во интерес и на Македонија и на Грција. Потоа, како партнери, може да најдеме решение и за ваквите прашања. Јас верувам во добри односи, и мора да разберете дека ваквите мапи не претставуваат закана, одговори министерот Бесими.
|