11.10.2012, 17:43 Пораки за помало трошење, ќе ги прифати ли Владата?
Во Владата се задоволни од извештајот на Брисел. Експертите не се оптимисти дека ќе им се даде значење на сугестиите
Нина Нинеска-Фиданоска
Се' погласни се предупредувањата од меѓународните институции до Владата дека троши повеќе отколку што успева да собере приходи во државната каса. Поконкретно, дека влегува во буџетски расходи кои тешко се покриваат од прибраните средства по основ на даноци, што е ситуација која тешко се одржува на долг рок и е главна причина да расте јавниот долг на државата.
Во период од само една недела стигнаа две слични пораки. Завчера Европската комисија во својот извештај, а пред неколку дена и Меѓународниот монетарен фонд, покрај пофалбите што ги упатуваат за успешното одржување на макроекономската стабилност, излегоа и со критики во делот на фискалните политики.
Тие би можеле да се парафразираат во смисла дека Владата сака да прави големи буџетски трошоци, но, од друга страна, не успева да прибере доволно средства во државната каса. Недостигот го покрива преку задолжување, што е причина и за пораст на јавниот долг, за кој веќе јавно се препорачува дека натаму не смее да се зголемува.
Министерството за финансии засега молчи за овие препораки. „Утрински“ праша во Кабинетот на вицепремиерот Зоран Ставрески дали и што ќе се преземе по изречените предупредувања, но не добивме одговор до затворањето на овој број од весникот.
Неговиот колега Владимир Пешевски, пак, вчера изјави дека, генерално, оцените во економскиот дел на извештајот се позитивни и Владата е задоволна, но и призна дека најголема критика годинава е упатена на невработеноста, иако како што рече, таа во Македонија се одржала стабилна и во во време на криза.
Експертите не очекуваат Владата да изреагира и да ги прифати сугестиите на ЕК и на ММФ, бидејќи, како што велат, тие досега многу пати стигнувале на владина адреса, но таа постојано се оглушуваше и „тераше“ според својот концепт.
Главните забелешки во извештајот на ЕК во делот на економијата се однесуваат токму на јавната потрошувачка, која, како што се вели, продолжила да биде поголема од буџетските приходи, што го зголемило долгот на јавниот сектор. „Долгот на јавниот сектор е зголемен. Јавната потрошувачка продолжи да биде поголема од приходите“, стои, меѓу другото, во извештајот на ЕК.
Оттаму истакнуваат дека поради послабите приходи од очекуваните, буџетскиот дефицитот морал да се зголеми оваа година. „Буџетското планирање и извршување се влошени, и квалитетот на јавната потрошувачка продолжува да биде низок. Буџетскиот процес продолжува да се соочува со премногу оптимистички процени на приходите. Недостигот од среднорочно планирање, краткорочно ориентираните одлуки за трошење и влошувањето на управувањето со јавната потрошувачка резултира со зголемување на заостанатите долгови, а дополнително се намалува транспарентноста на одлуките за трошење и ја ослабува веродостојноста на сметките на јавниот сектор. Ова има и негативни ефекти врз ликвидносната состојба на приватниот сектор“, се вели во извештајот, при што сосема сигурно се мисли на долгот кој државните органи го имаа натрупано кон компаниите, а за кој Владата неодамна најави дека ќе го исплати до крајот на февруари идната година.
Од Канцеларијата на ММФ во земјава, пак, на една експертска дебата јасно укажаа дека еден од големите предизвици на среден рок е натаму да не се зголемува јавниот долг, односно дека треба барем да остане на сегашното ниво. Александар Тиеман, постојан претставник на Фондот, препорача дека треба да се внимава на буџетскиот дефицит. „Наша сугестија е дека буџетскиот дефицит треба да се одржува на ниво не повеќе од 1,5 отсто од БДП. Во Македонија, властите, од една страна, сакаат да не ги зголемуваат даноците, но се најавува дека ќе се зголемат пензиите и платите. Тоа се расходи кои бараат пари. Значи, имаме ниски даноци, а големи трошоци. Едното ќе мора да попушти во однос на другото. Тоа ќе биде тежок избор за Владата“, рече Тиеман.
Шенај Хаџимустафа, универзитетски професор, вели дека забелешките од Европската комисија, всушност, ја покажуваат реалната слика, односно она што значаен дел од независните експерти во земјава постојано го истакнуваа.
„Не сум оптимист и не знам колку Владата ќе има слух за овие забелешки, бидејќи сето тоа и порано и' беше сугерирано, на пример уште кога ги правеше проекциите за БДП и го креираше буџетот за оваа година, но тоа го направи на нереална основа. Потоа и' требаше дури половина година за да ги симне проекциите за БДП“, вели Хаџимустафа.
Професорката потенцира дека главната критика од ЕУ, всушност, е како се трошат парите, особено во време на криза, бидејќи трошењето не одговара на реалните потреби на економијата. Истото тоа се однесува и на забелешките за зголемувањето на јавниот долг, каде што клучното прашање е зошто сте креирале долг. „Добро е ако сте се задолжиле за нешто што во иднина ќе донесе приходи, но кај нас тоа се прави за непродуктивни и за краткорочни цели, што не носат економски раст“, укажува Хаџимустафа, повторно искажувајќи ја својата дилема „дали кај Владата навистина постои желба земјава да се приближи кон Европската унија“. |