ЛИЧНОСТ НА ДЕНОТ
Ерик Мејер
Облечен кежуал, Ерик Мејер, известувачот на Европскиот парламент за Македонија, ноншалантно, тука во Скопје, ни соопшти дека може да си ги закачиме надежите за ЕУ за оваа година на шајка. Доколку бевме свесни дека фокусот на самитот на НАТО во април и изборите на 1 јуни ни ги измешаа картите за добивање датум за преговори со ЕУ во првата половина од 2008 година, Мејер пред два дена ни порача дека може да се простиме и од втората половина на годинава и да ја почекаме 2009 година. Холандскиот политичар на левицата, со универзитетска диплома по социјална географија, иако со своите настапи во Парламентот понекогаш ги вади од кожа Грците, именувајќи не' како Македонија и отфрлајќи ги како глупост нивните барања нашиот народ и јазик да се нарекуваат поинаку освен како македонски, пред два дена нас не' извади од кожа кога ни го пренесе негативното расположението од ЕУ, т.е. Франција, за темата проширување, барем за оваа година. Но, за да ни олесни, тој не' упати да тропнеме на вратата на Чешка, како иден претседавач со ЕУ, која поради „словенските врски“ можеби ќе ни се смилува и ќе не' стави во агендата за проширување.
Гласникот Мејер (64), кој на моменти кај нас добива позитивни, на моменти негативни симпатии, овој пат со својата директност не' остави со подотворени усти. (Т.Г.)
|