Број 3452  четврток, 09 декември 2010
прва страница Архива контакт редакција маркетинг претплата
Втора страница
На прво место
Политика
Македонија
Економија
Хроника
Едиторијал
Мислења
Писма
Свет
Култура
Спорт
Скопје
Забава
Некролог
Хороскоп
Што прават денеска
Вести








Site Meter

Мислења

Нема шанси за динамичен раст

Ден Дончев

Шансите дека со ваква фискална и монетарна политика ќе се создадат услови за економски раст од над 7 проценти на долгорочна основа, се речиси нула!

Најновото намалување на каматната стапка на благајнички записи од 4,5 отсто на 4 отсто од Народна банка на Република Македонија (НБРМ) може да го оцениме како успешно исполнување на мандатот на ова институција во последните две години. Успехот се случува во период на големи економски турбуленции во глобалната економија и во Македонија.

Се разбира дека основниот мандат на НБРМ е одржување на фиксниот курс на денарот. И покрај огромните притисоци што се појавија на македонскиот девизен пазар, особено во првата половина од претходната година, НБРМ ги презеде сите неопходни мерки со кои располага оваа институција за да ја задржи стабилноста на денарот. Цената на овој „успех“, меѓу другото, беше намалување на девизните резерви за околу 600 милиони евра преку директната интервенција од страна на НБРМ на девизниот пазар, зголемување на основната каматна стапка, која во еден момент отиде на околу 10 проценти, како и зголемување на надворешното девизно задолжување на Република Македонија. Најочигледен пример на неопходноста од задолжувањето беше во јуни 2009 со задолжување на меѓународните пазари на капитал преку издавање македонски еврообврзници во вредност од 175 милиони евра, со рок на достасување од три и пол години и со астрономски висока каматна стапка од речиси 10 отсто.

Зголемувањето на каматната стапка подразбира и намалување на паричната маса во оптек од страна на НБРМ. Во основа, може да се каже дека каматната стапка е цената на парите. И како секоја цена на кој било производ или услуга, цената на парите (каматните стапки) исто така е под надлежност на законот на понуда и побарувачка. Колку повеќе пари има во економијата (поголем износ на таканаречениот М2 индикатор на паричната маса во споредба со бруто домашното производство на државата), толку е пониска каматна стапка и обратно. Бидејќи основниот мандат на НБРМ е одржување стабилен курс на денарот, централната банка немаше друг избор, освен да ја при својата монетарна политика кон враќање на еквилибриум на девизниот пазар за одржување на стабилниот курс на денарот. Бидејќи НБРМ не може да има контрола врз реалната понуда на девизи (кои се резултат на приливи од надвор по основа на разни економски активности), единствената можна мерка е да се намали побарувачката. Најдиректната мерка што може да се преземе е да се намали количината на денари што се во оптек во стопанството. Тоа, фактички, се случи. Во декември 2008 година кога веќе беше почната економската криза во Македонија, количината на денари во македонската економија мерена преку М-2 индикаторот за паричната маса изнесуваше 103 милијарди денари, што воедно и беше најголемата вредност на овој индикакатор во историјата на независноста на Република Македонија. Во јули 2009, што фактично беше и дното на македонската економска рецесија, М-2 беше намален на 89 милијарди денари. Значи, повеќе од 14 милијарди денари (или околу 220 милиони евра) беа повлечени од македонската економија преку разни мерки преземени од страна на НБРМ. Истовремено, основната каматна стапка се зголеми и отиде на 9 отсто, каде што и се задржа од јули до ноември 2009 година.

Но, почнувајќи од август 2009, НБРМ почна полека да ја зголемува паричната маса. Во почетокот на 2010 година М-2 изнесуваше 97 милијарди денари, а во октомври 2010 веќе изнесува 105 милијарди денари, што е за 2 милијарди денари повеќе од декември 2008 година, кога, всушност, и започна економската криза. Значи, од јули 2009 до октомври 2010 денарската парична маса, мерена преку М-2 индикаторот се зголеми за преку 16 милијарди денари, што е еднакво на приближно 260 милиони евра. Истовремено, каматната стапка на благајничките записи почна да се намалува од 9 отсто во ноември 2009 на сегашната 4 отсто објавена од НБРМ пред некој ден.

Во истиот период, дефицитот на тековната сметка на Република Македонија, исто така, драматично падна. За 2008 година, дефицитот на тековната сметка изнесуваше рекорден износ од 860 милиони евра, состав��н од рекорден трговски дефицит од 1,84 милијарди евра минус вкупни девизни дознаки и трансфери од 985 милиони евра. Во 2009 година, намалувањето на паричната маса како и зголемувањето на каматната стапка, директно влијаеше и врз платниот биланс, така што дефицитот на тековната сметка се намали на 450 милиони евра, составен од намален трговски дефицит од 1,58 милијарди евра минус вкупни девизни дознаки и трансфери кои се зголемија на 1,13 милијарди евра. Следејќи го трендот од официјалните бројки за првите осум месеци од 2010 година, за цела година дефицитот на тековната сметка ќе изнесува околу 150 милион евра, составен од трговски дефицит од 1,5 милијарди евра минус вкупни девизни дознаки и трансфери од 1,35 милијарди евра.

Значи, без сомнение, за Република Македонија е позитивно што дефицитот на тековната сметка ќе се намали од неиздржливо ниво од 860 милиони евра во 2008 година, на само 150 милиони евра за 2010 година. Дел од причината за ова намалување е резултат на рестриктивната монетарна политика преземена од НБРМ во 2009 година. Меѓутоа, очигледно е дека и покрај рестриктивната монетарна политика, трговскиот дефицит на државата се намали релативно малку, односно од рекордно висок 1,84 милијарди евра во 2008, на 1,58 милијарди евра во 2009 и 1,5 милијарди евра во 2010.

Оваа значи дека вистинската причина зошто се намали дефицитот на тековната сметка до тој степен да овозможи стабилизирање на државните девизни резерви и истовремено да и' овозможи на НБРМ да ги преполови каматните стапки е драстичното зголемување на девизните дознаки и трансфери, кои се зголемија за кумулативен износ од 510 милиони евра за 2009 и 2010 година во споредба со 2008.

Во отсуство на структурални реформи и мерки што би резултирале во намалување на трговскиот дефицит на Македонија, намалувањето на каматната стапка и зголемувањето на паричната маса од страна на НБРМ, како и натамошното зголемување на буџетските расходи од страна на Владата, неминовно значи дека во релативно краток период трговскиот дефицит на Македонија повторно ќе почне да расте и во наредните две или три години ќе го надмине рекордниот износ постигнат во 2008 година.

Единствено нешто што нема да ја натера НБРМ да се врати на истите рестриктивни мерки што ги презеде во 2009 година ќе биде доколку вкупниот износ на девизни дознаки и трансфери и натаму продолжат да растат или, пак, државата продолжува да го зголемува својот надворешен девизен долг.

За жал, структуралните дисбаланси во македонската економија ќе останат. Македонската економија ќе може да опстане на ваков начин можеби уште релативно долг период. Но, шансите дека со ваква фискална и монетарна политика ќе се создадат услови за динамичен економски раст од над 7 проценти на долгорочна основа, се речиси нула! А без ваков динамичен економски раст, шансите за значајно намалување на постојната стапка на невработеност и сиромаштија се речиси идентични.

(Авторот е економски аналитичар)


#
Статијата е прочитана 852 пати.

Испрати коментар

Од: koni
Датум: 10.12.2010 08:56:52
Madekonskata ekonomija (jalova)n ikogas ne ke dostign seriozno nivo. Napisite i anaizte se nepolezn. Pozdrav do...

Најди! во Утрински
Насловна
Можни ли се избори во февруари?
Гошев меѓу политиката и уште еден гувернерски мандат?
Тиквешански
Три во едно за гласачката машина
Не сакаше да биде мртов идол
Jа видоа Германија и се вратија назад
И затворениците на „Фејсбук“
ВМРО-ДПМНЕ не гледа причини за предвремени избори
Верувале или не
Бранковци облекоа жолто, Груевци ја соблекоа портокаловата
И нашите се запалија по романтични венчавки
Кои се „жртвите“ на Џулијан Асанж?
Пастрмката слободна во Радика и во Дебарско езеро
ХА ХА ХА!
Харадинај пуштен од Хаг поради бремената сопруга
Карикатура
Лигата на шампионите заврши со групите
Стил
 

Bulgaria may apply for euro entry mechanism in 2011, says finance minister
EU applauds Kosovo elections despite reports of serious fraud
End of Croatia's EU accession talks within reach