Jа видоа Германија и се вратија назад
Со чартер-лет од Дрезден долетаа 38 лица во Скопје, кои не успеаја да добијат азил во Германија
Некаде околу пладне, вчера на скопскиот аеродром „Александар Велики“ слета авион од Дрезден, во кој патуваа 38 македонски државјани, кои се обидоа да добијат азил во Германија. Единствено што добиле азилантите од германската влада е чартер-лет и бесплатен пат до Македонија. Нивните барања за азил биле одбиени како неосновани.
„Ни рекоа дека во Македонија ни било убаво и таму да се вратиме. Дури не ни ја дадоа и еднократната парична помош што ја даваа порано“, зборуваа азилантите при излезот од скопскиот аеродром. Станува збор за 38 лица, цели семејства со деца, главно, Роми.
„Најмногу не' има од Шутка, Куманово, Штип и од Кочани, но и од цела држава“, зборуваат тие. Со скиснати лица и торби во рацете, сега останаа и без парите што ги платиле за пат кон Германија.
Велат дека биле изманипулирани од туристичка агенција од Штип, која им ветувала сигурен азил во Германија и за тоа им наплатила по 600 евра.
„Тука нема работа, сакавме да одиме кај роднини во Германија, да се обидеме да се снајдеме таму... Сега што ќе правиме, останавме и без последните пари“, велат повратниците. Никој од нив не знаеше да одговори зошто заминале таму кога искуството говори дека ниту еден македонски државјанин не успеал да добие азил во западноевропските земји.
Македонската полиција најави истрага околу евентуална одговорност на агенциите што го организирале нивното патување.
„МВР уште еднаш апелира дека одлуката за визна либерализација во никој случај не подразбира и можност за добивање азил во земјите од ЕУ. Напротив, земјите од Унијата ја третираат РМ како земја-кандидат за членство, која е безбедна и во која се почитуваат основните човекови права, така што државјаните на Македонија не се наоѓаат на листата на земји што би можеле по која било основа да добијат азил“, потенцираат од полицијата.
Министерката Гордана Јанкулоска информира дека периодов не добиле поплака од некоја земја во врска со зголемен број барања за азил на државјани од Македонија. Јанкулоска смета дека се' уште не постои опасност да ни биде укината визната либерализација, но дека и натаму треба будно да се следи ситуацијата и да се работи на превентивата. (Г.А.) |