Со „Дете на војната“ повторно стартува „Милениум“
Денеска со премиерното прикажување на филмот „Дете на војната“ на Кристијан Вагнер, во кој главна улога игра Лабина Митевска, ќе се отвори киното „Милениум“. Интересно е дека ова најголемо и добро опремено кино во градот стои затворено веќе неколку месеци без никаква причина, освен заради тоа што на директорот на ГТЦ, Аго Абазовски, не му се допаѓала програмата која ја носеле нашите дистрибутери. На оваа состојба, за жал, никој во државата не реагираше иако киното не е приватизирано. Сега, како што дознаваме, киното се отвора со некакви планови да продолжи, но се уште не знаеме какви.
Сега за сега, како и да е, важно е дека киното ќе се отвори и во него ќе можеме да го видиме филмот од 2006 година направен во германско-словенечка копродукција. Лабина ја игра Сенада која во времето на војната во Босна го изгубила своето дете. По десет години Сенада ќе тргне во неизвесен и ризичен пат да ја пронајде својата ќерка, за која се повеќе верува дека е жива и дека е во Германија. (С.У.)
|