Гостување на „Денс театар компани“ од Албанија
Вечерва во рамките на „Охридско лето“, во 21 часот во предворјето на црквата „Св. Софија“, „Денс театар компани“ од Албанија ќе изведе танцова претстава работена по мотиви од „Скриениот човек“ од Чехов и „Парфем“ на Зискин, во режија и кореографија на Ѓерѓ Превази.
Прашањата кои овој проект ги поставува, како што вели режисерот Превази, се: дали некој е изолиран од сите или од самиот себе, дали е ослободен или сосем слободен, маската сами ја ставаме на себе или другите ја ставаат на нас... Дали се тоа дилеми кои ги наоѓаме во нашата реалност, што си ги нанесуваме, допираме или гледаме низ опстојувањето?
Во претставата играат: Аледија Кондај, Суеда Хоџа, Филомена Гаргано, Милена Нурка и Елтон Цефа. (К.Р.)
|