Каде завршуваат парите за затворите
Постојано се издвојуваат средства за реконструкција на затворите, а не стивнуваат критиките за нехуманите услови во нив
Даниела Трпчевска
ОХРИД – Речиси 10 милиони евра се слеале изминативе три години за реконструкција и доградба на затворите во земјава, а нови 52 милиона евра се очекува да легнат на сметката на Министерството за правда во почетокот на идната година наменети за реконструкција и изградба на нови казнени установи. Но, иако станува збор за големи финансиски средства, кои треба да го изменат од корен изгледот на затворската мрежа во земјава, критиките за лошите и нехумани услови во македонските затвори не престануваат.
Каде завршуваат и за што се трошат парите што се наменети за затворите? Ова е дилемата што ја поставува пратеничката на СДСМ и претседател на собраниската Комисија за заштита на човековите права, Весна Бендевска. Според неа, во изминативе три години, во три наврати се префрлани средства за адаптирање на затворот во Куманово, но тој и понатаму останува затворен и не е пуштен во употреба. Згора на тоа, надлежните најавуваат нови вложувања и дополнителни средства за доградба на објектот во кумановското село Кшање, кој се гради уште од 2007 година и никако да се заврши.
„Големи суми се издвојуваат за затворите со кои можат да се изградат најмодерни институции. Ако за проектот „Скопје 2014“ досега се потрошени 20-30 милиони евра, а се градат повеќе објекти низ градот, тогаш со 9,5 милиони евра што се издвоени досега, и со новите 52 милиона евра што се планираат, земјава треба да добие најмодерни затвори“, укажа Бендевска на средбата во Охрид организирана од страна на Хелсиншкиот комитет за човекови права, на која викендот првите луѓе на затворите, судиите, адвокатите и новинарите дискутираа за зајакнувањето на општествениот надзор врз затворите. За неа е спорно и тоа што дури 11 милиони евра, од средствата што ќе се добијат како заем од Банката за развој на Советот на Европа, се предвидени да се издвојат за студиски и непредвидени трошоци.
Пратеничката смета дека треба да се формира независна комисија во Собранието, која не само што ќе направи извештај за состојбите во затворите туку и ќе прави увид каде се трошат парите што се наменети за нив.
Директорката на Управата за извршување санкции, Лидија Гаврилоска, е децидна дека состојбата во затворите драстично ќе се промени по градежните зафати што се планираат за идната година. Според неа, затворите долго време биле запоставувани и во нив не било вложувано. Состојбата, вели таа, драстично е сменета, а само во изминативе четири години се искористени 224 милиони денари за подобрување на условите во нив. Управата идната година планира да даде дури пет милиони евра за софт програма, во која ќе бидат вклучени активностите за едукација на вработените во затворите.
Сепак, најголем дел од 52 милиони евра, од кои мал дел се буџетски средства, а останатите се кредит од Банката за развој на Советот на Европа, Министерството за правда планира да ги искористи за реновирање и изградба на четири затвори во земјава. Во план е изградба на сосема нов затвор во Идризово, нов комплекс за ВП домот за малолетните престапници во Тетово, зафати во затворот Скопје, како и доизградба на затворот во Куманово.
Надежите се дека новите објекти ќе го решат проблемот со пребукираноста во затворите, но пред надлежните остануваат уште голем број предизвици. Корупцијата, бегствата, тортурата и инцидентите зад затворските решетки и понатаму остануваат црни точки, кои остануваат забележани во речиси сите извештаи за состојбата во македонските затворени институции.
Фуере незаконски влегува во затворите
„Евроамбасадорот Ерван Фуере незаконито влегува во затворите. Неговиот мандат не е да биде надзорен механизам во затворите“. Ова е ставот на директорката на Управата за извршување санкции, Лидија Гаврилоска, која остро реагира на посетите на Фуере на затворите, придружуван со омбудсманот. При последната посета на „Идризово“ пред неколку месеци, тој ги критикуваше лошите услови во делови од затворот, споредувајќи го со бегалските кампови во Латинска Америка.
„Протестирам за таквиот однос. Ако евроамбасадорот се залага за почитување на законите, тој самиот треба да ги почитува. Досега ниту еднаш нема побарано од нас да влезе во затворот ’Идризово‘, а тоа го направи двапати, искористувајќи ја можноста да влезе заедно со народниот правобранител“, реагира Гаврилоска. (Д.Т.) |