Судиите и политичарите останале најкорумпирани
За антикорупционерите е симптоматично тоа што досега немаат епилог случаите што ги испратиле во Обвинителството
Жаклина Ѓорѓевиќ
Судството и политичките партии остануваат на врвот од листата на корупција во Македонија, според граѓаните опфатени со истражувањето „Глобален барометар на корупцијата 2010“ што вчера го објави невладината „Транспаренси интернешенел“, а по повод Меѓународниот ден против корупцијата. Најголем дел од испитаниците се изјасниле дека судството и политичките партии се најкорумпирани, а полицијата и медиумите се на средно ниво.
„Корупцијата ни стана начин на живеење“, коментира Цветко Мојсоски, член на Државната комисија за спречување корупција.
Во истражувањето за корупцијата во Македонија, со кое биле опфатени 1.180 испитаници, како висококорупмиран сектор се посочува и образованието. Истражувањето е правено на светско ниво, а со него се опфатени 91.500 испитаници од 86 земји.
За 10,2 отсто од испитаниците Владата е многу ефективна во справувањето со корупцијата, а 50 отсто никому не му веруваат во борбата против корупцијата. Над 20 отсто од анкетираните сметаат дека нивото на корупција е зголемено во последните три години, а ист број испитаници мислат дека останало исто.
„Најголем број од испитаниците се изјасниле дека не дале поткуп во последните 12 месеци, а 21 отсто дека дале. Околу 90 отсто ќе го поддржат својот пријател во неговата борба против корупцијата“, рече Слаѓана Тасева, претседателка на „Транспарентност нулта корупција“. Таа смета дека во Македонија се' уште постои сериозен проблем во борбата против корупцијата, а резултатите од истражувањето, како што истакна, се алармантни.
Цветко Мојсоски од Антикорупциска комисија напомна дека земјава се поместила девет места во индексот за перцепција на корупцијата на „Транспарентност интернешенел“ и моментно е на 62. место. Мојсоски вели дека досега како член во Комисијата немал притисоци и влијанија. Што се однесува до тоа колку се ефикасни како комисија, тој одговори:
„Има политичка волја за борба против корупцијата. Прифатена е Конвенцијата на ОН, донесени се посебни закони за борба против корупцијата, формирани се тела. Но, има елементи според кои некогаш можеме да се сомневаме дали таа борба докрај е искрена “ вели Мојсоски. Тој појаснува дека секогаш кога наоѓаат елементи за кривично дело во извештаите од Државниот завод за ревизија ги процесуираат.
„Не сме секогаш задоволни ако ни се одговори со една реченица - нема дело што се води по службена должност, бидејќи станува збор за утврдени факти во постапка на ревизија. Меѓутоа, имаме предвид и дека обвинителот е газда на истрагата, бидејќи по наша иницијатива тој спроведува истрага и можеби наоѓа други елементи поради кои смета оти некој не треба да се гони. Но, симптоматично е што повеќе предмети сме процесуирале, а ниеден не добил епилог“, коментира тој.
По повод Меѓународниот ден за борба против корупцијата се организираше дебата на Правниот факултет. За деканот Борче Давитковски е лошо што кај нас се' се прави кампањски, се говори само кога е денот и толку. Затоа тој нагласува дека треба да има политичка волја за борба против корупцијата. |