Нова „чиновничка бура“ во парламентот
Експресното враќање во Собранието на измените на Законот за организација на државната управа вчера повторно ги подигна тензиите меѓу пратениците и беше причина за пролонгирање на почетокот на расправата за буџетот. Овој владин закон, со кој Министерството за информатика ги презема повеќето ингеренции од Агенцијата за државни службеници, кон крајот на минатата недела не помина во парламентот, бидејќи мнозинство не обезбеди 80 гласа. Речиси истото решение, со симболични корекции, но овој пат поднесено од група пратеници од власта, вчера повторно се најде пред пратениците кои се согласија дека оваа регулатива треба да се донесе по скратена постапка.
Ваквите маневри ја разгневија опозицијата, која го обвини претседателот на парламентот Трајко Вељаноски дека го крши Деловникот, бидејќи исто законско решение не треба да се стави на дневен ред во рок од три месеци. Потегот на владејачките пратеници за СДСМ е „малтретирање на демократијата и узурпирање на Деловникот“.
Координаторката на СДСМ, Цветанка Иванова, побара од предлагачите да го повлечат законот, за, како што рече, да не се дозволи на еден шверцерски начин да се донесе важен закон, кој засега 150 илјади вработени во администрацијата.
Стојан Андов од ЛП му предочи на Вељаноски дека негова деловничка обврска е да не го стави на дневен ред овој предлог. Според Илија Китаноски од ВМРО-ДПМНЕ, пак, нема подемократски чин од тоа група пратеници да предлагаат закон. Вељаноски им посочи на пратениците дека не бил повреден Деловникот, бидејќи тоа се однесува на закон во прво читање, а не закон кој оди во скратена постапка, односно директно во второ читање. (П.Р.) |