Антикорупционерите задоцниле со Рамковски
Државната комисија за спречување корупција смета дека би било доцна ако сега и таа се вклучи во случајот со тврдењата на сопственикот на А1 телевизија, Велија Рамковски, дека премиерот му ги плаќал рекламите за ВМРО-ДПМНЕ со буџетски пари.
„Со А1 будно ги следиме настаните, најмногу преку медиумите. Но, и кога би го зеле предметот во работа, крајниот епилог ќе биде ние да процесуираме предмет повторно пред Управата за јавни приходи или Финансиската полиција или пред обвинителот, а тие органи се веќе вклучени, така што нашето работење би дошло многу подоцна“, изјави вчера Цветко Мојсоски, член на Антикорупциската комисија.
Околу случајот со Сашо Мијалков, Мојсоски вчера прво негираше, но, по сугестија на неговите колеги, потврди дека директорот на УБК ги пријавил акциите што ги поседува во чешка фирма, а кои „најверојатно сега ги продава“. Во врска со „Надеж“, Мојсоски негираше дека имале повратни информации од Обвинителството за постапката. (Ж.Ѓ.) |