Отказ за рагбистот Стошиќ оти нема македонски пасош!
Џејмс Стошиќ е роден во Нов Зеланд, татко му е од Битола, а игра во Англија
Роберт Димитриевски
Пасошот на Република Македонија станал многу баран документ во британската Суперлига во рагби, судејќи според тоа што му се случи на Џејмс Стошиќ, кој е роден во Нов Зеланд, а има македонско потекло. Неговиот клуб Вејкфилд Вајлдкетс вчера мораше да му врачи отказ поради правилото според кое екипите од Суперлигата можат да имаат најмногу пет рагбисти од прекуокеанските земји. Тоа му било предочено и на 28-годишниот Стошиќ при потпишувањето двегодишен договор со Вејкфилд во почетокот од годинава, во кој условот бил во втората година да настапува со државјанство на европска земја за да биде третиран како „домашен“ играч. Со оглед на тоа дека татко му е по потекло од Битола, Стошиќ си помислил дека нема да има проблем по таа основа да добие македонски пасош. Арно ама...
„Тоа е прилично голем предизвик. Татко ми е роден во Македонија, што значи дека јас сум половина Македонец и со тоа дефинитивно имам право на државјанство, но во суштина тоа е еден долг процес. Го собрав сиот материјал што ми требаше. Ми ги побараа сите можни документи, дури и такви за кои не сум ни мислел дека ги имам, но морав да ги приложам. Македонија не е членка на ЕУ, но таа, сепак, ќе ми овозможеше да останам надвор од квотата“, објаснува Стошиќ, кој престојувал четири дена во Скопје, надевајќи се дека по брза постапка ќе го добие толку посакуваното парче хартија.
Престојот во Македонија во јануари годинава, кога се сретнал и со роднините по таткова страна, сепак, не ги помрднал работите во саканиот правец: Стошиќ не доби македонски пасош до крајниот рок 30 ноември што му го постави клубот. Минатата седмица тој упати жалба и до раководството на Суперлигата, но таа беше одбиена, па тој веќе ги пакува куферите и се подготвува да се врати назад во Австралија, каде што пред заминување за Европа настапуваше за Кронула Шаркс и за Голд Коуст Титанс.
„Ова е навистина фрустрирачки бидејќи сум во мојата кариера никогаш не сум бил во подобра форма пред почетокот на сезоната. Епилогот е многу стресен за мене, за мојата сопруга и за моите деца, но се обидувам да останам позитивен. Можеби ќе морам да се вратам во Австралија. Треба да ги разгледам сите опции“, вели Стошиќ.
Тренерот на Вејкфилд, Џон Кир, жали што морале да постапат така со својот играч: „Би сакале да му се заблагодариме на Џејмс за вложениот труд во дресот на Вајлдкетс и да му посакаме се' најдобро во остатокот од кариерата. Не можевме ништо да сториме. Такви се правилата“. |