Број 3149  вторник, 01 декември 2009
прва страница Архива контакт редакција маркетинг претплата
Втора страница
На прво место
Политика
Македонија
Економија
Хроника
Едиторијал
Анализа
Мислења
Писма
Свет
Култура
Спорт
Скопје
Забава
Хороскоп
Што прават денеска
Фељтон

Site Meter

ЕВРОПА - БАЛКАН

Предизборна (црковна) трка

Иван Торов

Жешка црковна и политичка зима во Србија, по повод јануарскиот избор на нов патријарх, нема да може да се избегне

БЕЛГРАД - Погребот на српскиот патријарх Павле по многу нешта, а најмногу по начинот кој и како го организираше, несомнено беше централен ноемвриски настан во Србија, но и досега најсериозен повод за иницирање прашања за односите на државата и Црквата. Всушност, за дилемата - дали политиката ја (зло)употреби Црквата или Црквата - политиката. Смртта на остарениот и уште одамна снемоштен поглавар на Српската православна црква и се' што по тој повод се случуваше во таканаречената четиридневна (државна) жалост и погребната церемонија, во која беше ангажирана државата, особено нејзиниот шеф Борис Тадиќ, беше повеќе од симптоматична, со денови е предмет на остра, повремено и жолчна полемика. Барем околу суштинското прашање дали со овој чин, конечно, се мина црвената (уставна) линија за секуларноста на државата.

Политичарите, секако, ги отфрлаат таквите обвиненија и истакнуваат дека патријархот Павле со својата скромност и дела заслужи така масовно (државно) испраќање со гардисти, жандармерија, директен ТВ-пренос и водители облечени во црно, и претседател на државата кој присуствува на седница на Синодот. А, кој на критичарите на однесувањето на државата, меѓутоа, повеќе им личеше на голема масовна кич-претстава отколку на достоинствено простување од патријархот што се истакнуваше со испоснички монашки живот. Црковните кругови, сепак, не ја кријат восхитеноста што практично во текот на целата недела апсолутно им беше отстапен српскиот јавен (државен) простор, а власта погребот на еден црковен великодостоинственик го претвори во општонационален настан. Трети (оние што се сметаат за непристрасни), меѓутоа, се сигурни дека со заминувањето на патријархот Павле од животната сцена многу работи во српската држава ќе се променат, всушност, ќе ги покажат вистинските намери и амбиции и на државната и на црковната олигархија. Наедно, ќе го потврди или оспори впечатокот дека целата погребна церемонија е осмислена, во некоја рака, како чекор понатаму од толку зачестено прокламираната „симфонија“ на црквата и државата, односно вовед во се' повидлива клерикализација на Србија.

Медиумските и политичко-црковни стории за „величествениот погреб“ овие денови, меѓутоа, им отстапуваат место на веќе на големо започнатата „предизборна кампања“ за избор на нов, четириесет и петти патријарх, што треба да уследи на Саборот на СПЦ, на 22 јануари следна��а година. Иако некои патријаршиски функционери тврдат дека „само Светиот дух знае“ кој тогаш ќе го преземе престолот на свети Сава, во јавноста веќе се прават процени кои владици имаат најмногу изгледи и кои (од можните кандидати) на чија поддршка „од страна“ (се мисли, пред се', на државата) може да се сметаат. Во игра засега се четворица фаворити, чие потенцијално кандидирање веќе предизвика многу контроверзии. Најсилен претендент за местото на Павле се смета владиката зворничко-тузлански Василие (Качавенда), во кого многумина ги препознаваат сите оние особини што ги немаше покојниот патријарх: желба за власт, но и исклучителна склоност кон раскошен живот. Имено, неговиот двор (на владиката) во Биелина, по луксузот и разузданоста, повеќе потсетува на Лувр отколку на скромните одаи на еден владика што треба да биде пример за осиромашениот народ. Но, и таков, владиката Василије, велат, има сигурни 17 гласа од неговите „колеги“, што укажува дека има силно упориште во оној дел од црковната хиерархија што се смета за „тврдо националистичко босанско јадро“.

Тука некаде е и митрополитот црногорско-приморски, Амфилохие (Радовиќ), моментно чувар на тронот до изборот на нов патријарх. Меѓутоа, добрите познавачи на приликите во СПЦ не му даваат премногу шанси да стигне до „финишот од трката“ и поради неговиот нескриен политички ангажман и поради манирите претерано да се експонира како „единствено природен наследник“ на светосавскиот престол. Во комбинација е и еден од најмладите, владиката земунско-херцеговски Григорије (Дуриќ), за кого се зборуваше дека е голем пријател на премиерот на Република Српска, Милорад Додик, еден од претходните кандидати на претседателот Борис Тадиќ и претставник на помладата, помодерна и, како што велат, реформистичка фракција во Црквата. Григорије, всушност, вели дека тој себеси не се гледа на местото патријарх, што не е протолкувано, меѓутоа, и како одбивање да учествува во трката.

Четврти кандидат е епископот бачки, Иринеј (Буловиќ), кој, како што се проценува, државната гарнитура на чело со Борис Тадиќ со задоволство би го видела во улога на патријарх. Како поради неговата препознатлива „кооперативност“ со власта, што на големо ја манифестираше уште во времето на владеењето на Милошевиќ, така и поради наводната подготвеност СПЦ да ја приближи во екуменска соработка со Католичката црква. Меѓутоа, ова, второто, може да му биде и недостаток, бидејќи СПЦ веќе долга низа години ескивира секаков посериозен обид за воспоставување поинтензивни контакти со Ватикан.

Веќе почетните (неофицијални) најави укажуваат дека борбата за местото „прв меѓу еднаквите“ во СПЦ ќе биде жестока. Барем во фазата кога треба да се обезбеди „благослов“ (глас) од најмалку 22 владици за да се влезе на списокот од тројца кандидати од кои еден, како што тоа беше случај и при изборот на патријархот Павле, со таканаречена апостолска ждрепка, ќе се устоличи за врховен црковен поглавар. Минатонеделниот скандал во Собранието на Србија, кога пратеничката од редовите на радикалите (на Шешељ) Гордана Поп-Лазиќ со чевли ја гаѓаше претседателката Гордана Чомиќ од Демократската партија, всушност, го исфрли на површина обидот на одделни претенденти и на овој начин да обезбедат наклоност во дел од политиката и во дел од јавноста. Во екот на прилично жестоката парламентарна дебата околу тоа дали новиот (идниот) статут (варијанта на Уставот) на Војводина е „сепаратистички“ или, пак, акт со кој на покраината и' се овозможува статус на европска регија, е прочитано писмото од „Синодот на СПЦ“ во кое се апелира до пратениците по секоја цена да го спречат усвојувањето на документот со кој од Војводина се создава „држава во држава“. Меѓутоа, се испостави дека писмото самоиницијативно го испратил митрополитот Амфилохие, бидејќи Синодот, како што соопшти другиот владика и потенцијален противкандидат на Амфилохие, Иринеј, за тоа воопшто не се расправало.

Жешката црковна, а како што изгледа и политичка зима во Србија, значи, како да не ќе може да се избегне.


#
Статијата е прочитана 1044 пати.

Испрати коментар

Од: Ljubotan
Датум: 01.12.2009 03:03:00
Ivane ,Ivane ! Imas li opsesija; so Srbija ,za Srbija, il od Srbija!? Prvo Gregorije nee Vladika Zemunski,nego Zahumski! Dolgi godini gi pratim crkovnite dvizenja vo SPC.pa, sepak mislam ,ne sum strucnak il kompetentan analiticar,zatoa sto, Crkvata e nadvor od nasive mirno dobski [mirovni]rasudi! Patriarhot Pavle ne bese ni vo tretiot Esalon ,da bide izbran za Patriarh,ama Svetiot.Duh nego go stavi,da ja vodi SPC niz nejziniot najtezok iskusenicki period!. I ovoj pat Sv.Duh ce postavi Nov Patriarh. Imav cest da se sretnam so nekoi Vladici od Bosanskoto Vladicansko [tvrdo] krilo,kako sto analiziram ,Tie ce glasat za Patriarh od Srpskoto Krilo ,zaradi Licna sujeta. - ljudskata slabost..Poarno nekoj Drug neka bide Patriarh,a ne mojot komsijata-Vladika ,i Jas Vladika,sto bevme vo ista Klupa!Eeee sega Toj Patriarh,a Jas samo Vladika?????
Од: ЦК СКВМРО®
Датум: 01.12.2009 08:38:57
Секако,оние кои до вчера се колнеа во Петокраката,преку ноќ почнаа да се Килават под Крстот,обидувајќи се да докажат кој е поголем демократ!Симптоматично е што колку и да се трудат политичариве и квазиновинарите да докажат колку сме различни,Толку Повеќе излегуваат на површина Сличностите со останатите Браќа од Југославија,особено во обидите на поништувањето на Секуларноста на државата и нејзиното Враќање во Феудалните општествени води.Истите обиди се и во Хрватска,БиХ,Црна Гора,но и однесувањето на Врхушката е сосема иста,како да Излегле од Палатата на ЦК!?Никако во истите води да ги впишеш и г. на квадрат Св. Стефан,кој жари и пали низ МК,со Хотелијерство и Туризам,Скромноста им е изгубена по пат(ако воопшто ја имале)бидејќи и во социјализмот ги возеа најскапите автомобили и живееја сосем пристојно во палатите,завирувајќи под сукњите на младите вернички и монахињи,иако беа„забранети“и„прогонети“!До сега требаше да ја научиш километражата меѓу Захумље и Земун-Херцеговина и Србија!

Најди! во Утрински
Насловна
Албанците - нивното минато, потеклото и обичаите (10)
Голем срам со вакцините
Нервозни сите освен премиерот
Зденко
Одлука што се чекаше 18 години
Бесплатната бања за пензионерите од февруари
Избори, референдум и бојкот
Убав ден во Самобор
Македонија Ѓ.П. и Слога Ј. во општинска лига
Почина жената што се бореше за живот 12 дена
Отказ за рагбистот Стошиќ оти нема македонски пасош!
Кој е првиот македонски милионер?
За европскиот голф-клуб ни треба вистинска палка
Гошев попушти - ја намали каматата за 0,5 отсто
За ,,македонцките“ патриоти и предавници
Јастреб на чело на Нова демократија