Ајтов - омилен синдикалец на неколку министри за одбрана?
СДСМ обвини дека Коњановски му дал низа привилегии на претседателот на Синдикатот, а министерот ја префрла топката кај Бучковски
Додека Независниот синдикат на професионалните војници не знае како ќе опстои поради тоа што Министерството за одбрана престанало да му ги префрла средствата од членарината, претседателот на самостојниот синдикат Ристо Ајтов ги има сите привилегии. Горан Сугарески, пратеник од СДСМ, вчера директно го обвини министерот за одбрана, Зоран Коњановски, дека на Ајтов му доделил низа поволности и му се прогледувал низ прсти колку бензин трошел со службеното возило што го користел и за лични потреби. Вакви привилегии, пак, се незамисливи за Веле Крбалевски, првиот човек на Независниот синдикат.
Ајтов за „Утрински весник“ потврди дека има службено возило, но вели дека тоа е за потребите на синдикатот и дека на него има право согласно со колективниот договор. Меѓутоа, тој негира дека не оди на работа, туку тврди дека секојдневно бил на работното место, но и во синдикатот.
„Дали е точно дека вие, министре Коњановски, сте му дале на Ајтов службен автомобил, дека тој не доаѓа на работа, за што секој месец добива висока плата, а не се јавува ниту на кондиционите вежби задолжителна за сите војници“, праша Сугаревски од собраниската говорница.
Министерот Коњановски одговори дека не е во ред Армијата да се користи за политички цели и покажа документ од 2003, потпишан од тогашниот министер Владо Бучковски, со кој се одредуваат поволностите за претседателот на Синдикатот на вработените во одбраната.
„Одредени политички партии сакаат да имаат влијание, туторство врз Армијата. Додека сум министер за одбрана, нема да го дозволам тоа.
Овој документ потпишан на 5 декември 2003 година од Бучковски е решение со кое претседателот на Синдикатот се ослободува од работните обврски додека ја извршува функцијата“, истакна Коњановски. Бидејќи Сугаревски не беше присутен во салата за да одговори на тврдењата на министерот, Коњановски го протолкува тоа како знак дека пратеникот знаел за овој документ и дека целта му била да го дискредитира својот сопартиец Бучковски.
„Тоа решение што го покажува Коњановски е според постојните закони и колективниот договор од 2003, а сега тие се ревидирани. Коњановски сака да манипулира, како што го прави тоа и со забелешките за наводни внатрепартиски пресметки. Ништо од тоа не е точно“, реагира Сугаревски. (Св.У.) |