Нема квадрат под илјадарка
Вредноста на становите зависи од цената на материјалите, нафтата, струјата, услугите
Билјана Ангеловска
Нема надеж дека во скоро време ќе падне цената на становите што се нудат на продажба во земјава. Тие, едноставно, остануваат прескапа стока на македонскиот пазар.
Станбениот квадрат сега се движи во просек од околу 1.200 евра и, според предвидувањата, ќе бележи пораст од околу 7 проценти на годишно ниво. Дури и најевтините станови, оние што се на не толку примамливи локации, тешко се спуштаат под 1.000 евра за квадратен метар.
Математиките правени според ланските параметри покажуваат дека за просечен стан од 60-ина квадратни метри, потребно било да се искешираат околу 52.000 евра. Значи, со просечната нето-плата, која и лани, а и оваа година се движи на ниво од околу 334 евра, неопходни се повеќе од 155 плати, или цели 13 години за да се купи стан.
Годинава стандардот на населението е паднат во однос на лани. Сепак, тоа не беше доволна причина да паднат и цените на становите. Ниту глобалната криза не успеа да го разниша пазарот на кој еднаш формираната висока цена, тешко трпи корекции во обратен правец.
Последното драстично поскапување беше забележано пред две и пол години, пред Самитот на НАТО во Букурешт, кога очекувањата беа дека Македонија ќе стане полноправна членка на Алијансата, што требаше полесно да и' ја отвори и вратата на Европската унија. Тогаш становите почнаа да поскапуваат неколку месеци претходно и, како што се приближуваше состанокот, така растеше и цената, за непосредно пред самиот Самит да достигне дури и до 30 проценти поголема вредност. Денеска Македонија е подалеку и од НАТО и од ЕУ, но вредноста на квадратот не само што не е намалена, туку бележи минимален, но перманентен раст. Така, најскапиот квадрат во Скопје денеска чини околу 1.500 евра за новите станови, а прилично висока цена имаат и старите станови.
Што ја држи високата цена? Односот понуда - побарувачка и натаму е во полза на понудата, што значи дека постојано има повеќе станови што се продаваат во однос на тоа колку се бараат. Побарувачката веќе извесен период не ги надминува границите на вообичаениот интерес.
„Колку и да има интерес за станови, сепак, недоволно се продаваат. Значи, понуда има, но нема продажба, што најверојатно се должи на општата состојба во државата, владее беспарица. Затоа и се бараат станови со помала вредност, до кај 50-ина илјади евра“, велат во Агенцијата за промет со недвижен имот „Прима каза“. Оттаму потенцираат дека поради нереалните цени се губи пазарот за одредена категорија купувачи и остануваат само нужните клиенти, па стан купува само оној што мора.
Според Љупчо Бораниев, еден од сопствениците на „Бортас“, фирма која гради станови, цената на квадратот зависи од повеќе фактори - од локацијата на објектот, местоположбата на станот, страната, големината, опременоста. Кај нив становите се од 1.100 евра квадратен метар до 1.200 евра квадрат, во Расадник во Кисела Вода.
„Работиме и ги формираме цените според европски терк. Така, може во една зграда еден стан да чини 970 евра квадрат, а друг 1.200 евра, ако на пример, има поглед кон Водно. Факт е дека има голем интерес за станови, но мора да се признае дека малку се бараат станови со просечна големина од 60 до 70 квадрати. Средната класа има помал интерес. Затоа има и недостиг од мали станови, бидејќи најголем дел од граѓаните се од средна класа и не се во можност да купат голем стан“, вели Бораниев.
Градежните работници појаснуваат дека големо влијание врз формирањето на вредноста на становите имаат цените на материјалите, кои во масата на вкупната цена влегуваат со 5 до 20 проценти, но и цената на струјата, на горивото, на транспортот, услугите. Особено големо е влијанието на железото, чија вредност може да се смени преку ноќ. Така, летоска, во екот на градежната сезона еден тон железо донесен од Украина чинел 600 евра, а моменталната цена е нешто под 500 евра за тон. Од него зависи и цената на алуминиумските конструкции, профилите, мрежите. Освен железото, кое сепак учествува само со 11 проценти при изградбата на една зграда, зголемување на цената бележат и останатите градежни материјали, песокот, цементот, фракциите, бетонот, кој учествува со 16 отсто, потоа тулите, гипсот, керамиката. Така, еден кубен метар бетон чини приближно 50 евра и тоа без пресметани 18 проценти ДДВ и без превоз. Како последица на поскапувањето на мазутот и нафтата, постојано се менува и цената на транспортот, што автоматски повлекува и нова цена на цементот, на тулите.
Од Стопанската комора на Македонија велат дека вредноста на становите е во континуиран пораст во последните неколку години, па достигна просечна градежна цена од 650 до 900 евра по квадратен метар и тоа без ДДВ. Цената за градење учествува со 73-77 отсто во вредноста, додека останатите проценти се однесуваат на цената на градежното земјиште која може да достигне и до 20 отсто, и други трошоци во кои спаѓаат проектирањето, надзорот, документацијата и слично.
„Со изменување на регулативата од сферата на градежништвото, во наредниот период може да се очекува поголема станбена изградба. Со најавените станови од Јавното станбено претпријатие, како и оние за Армијата и според издадените одобренија за градење, се потврдува констатацијата дека станбената изградба ќе бележи тренд на зголемување. Меѓутоа, дали ќе се постигне целта станот да биде достапен за секој граѓанин, останува да се види“, вели Марија Петроска, самостоен советник во Стопанската комора на Македонија и додава дека за заживување на станбената изградба потребни се мерки што ќе придонесат за намалување на цената на станот и тоа не само преку ДДВ, туку и преку кредитирање и создавање услови за намалување на цените на градежните материјали. (Б.А.) |