Ивановски ја поднесе тужбата до Врховен
Ќе успее ли уставниот судија да ги убеди врховните судии дека не бил соработник на службите
Гордана Дувњак
Да се уважи жалбата и да се укине пресудата донесена од Управниот суд од 8 ноември оваа година и предметот да се врати на повторно расправање и одлучување. Ова го бара уставниот судија Трендафил Ивановски, кој вчера преку својот полномошник Стеван Павлески поднесе жалба до Врховниот суд, што треба да ја проследи Управниот суд.
Ивановски, кој засега е првата жртва во лустрациониот процес и единствен посочен државен функционер што се најде на удар на Комисијата за лустрација, се жали на тоа што во неговиот случај е „погрешно и нецелосно утврдена фактичка состојба и погрешно применето материјалното право“.
Во жалбата, која се состои од 13 странички, посебно се апострофира фактот дека Управниот суд ги прифатил здраво за готово приложените документи од лустраторите и воопшто не се впуштил во утврдување на нивната веродостојност. Како одлучувачки докази Управниот суд ги посочил и ги ценел извештаите приложени во списите на предметот што се наоѓале и во оригиналното досие, кое се чува во Државниот архив.
Управниот суд, како што се наведува во жалбата, и покрај тоа што имал можност да го чуе мислењето на стручниот помагач Иван Бабамовски, во пресудата не прави разлика меѓу лично досие и досие на соработник на тужбата. Судот прифатил дека за тужителот Трендафил Ивановски се водело лично досие за соработка со СДБ, и покрај тоа што ваквиот заклучок бил неоснован, погрешен и не произлегувал од писмените документи. Во жалбата, пак, се нагласува дека од содржината на документите произлегува заклучокот дека за Ивановски, тогашната служба за безбедност оформила лично досие од 9 мај 1964 година, но не како соработник на таа служба, туку како учесник во младонационалистичка група за што како малолетен тогаш бил и притворен.
Во жалбата се укажува и на останатите недоследности во пресудата, како и зошто тужителот смета дека не е исполнет ниту еден елемент од Законот за вршење јавна функција, ниту, пак, не е исполнет услов за стекнување својство - соработник на тајните служби.
Според Ивановски, невистините што ги утврдил Судот како вистини, не можат никако поинаку да се оквалификуваат, освен како „злоупотреба и кршење на законот при судењето или непознавање на материјата и прашањата по кои пресудувал“. За уставниот судија, особено спорно е тоа што Управниот суд го одбил предлогот за графолошко вештачење на потписот на тужителот, со што го верифицирал ставот на Комисијата за лустрација. А, кога Управниот суд закажува и одржува јавна расправа, тоа значи дека судот постапува со полна јурисдикција и треба да ја утврдува вистината. Наспроти тоа, смета Ивановски, Судот се обидел да ја избегне сопствената одговорност и на тужителот да му даде правен совет: да поведе кривична постапка за да го оствари своето право. А, притоа се превидел фактот дека полицискиот инспектор што ги подготвувал извештаите е веќе покоен.
|