Каменица има топлана, ама ќе се грее на дрва
Со нова технологија може да се произведува и топлинска енергија
Иван Бојаџиски
ШТИП - Рударскиот град Македонска Каменица, покрај Скопје и Битола, е единствен општински центар во државава што има градска топлана. Но не се користи десетина години, а нема шанси да проработи ни претстојната зима. Каменичани ќе продолжат да се греат на дрва, кои ги сечат најчесто од сопствените шуми во близина на градот.
Местото со околу 5.000 жители во околу 1.300 станбени единици речиси и заборави на овој свој благодат. Но, градоначалникот Дарко Митевски е оптимист дека топланата може да проработи, ако не за оваа, тогаш барем за следната зима.
„Во минатото жителите на Македонска Каменица направиле многу долгови кон јавното претпријатие што стопанисувало со топланата. Тој факт, како и фактот дека и во економски најубавите времиња поголем дел од семејствата не сакале да се вклучат во заедничкиот систем на греење, ја направи работата на топланата нерентабилна. Сега на тие факти се надоврзува и застарената технологија на објектот“, вели градоначалникот Митевски. Тој нагласува дека топланата не била заборавена од локалната власт. Во изминатите дваесет месеци била направена физибилити-студија за профункционирање на топланата, но овој пат како енергенс наместо јагленот да се користи биомаса.
„Моментално подготвуваме техничка документација за активирање на овој објект по принципот на јавно приватно партнерство. Експерти гарантираат дека топланата, во нови услови и со нова технологија ќе може покрај топлинската енергија за домаќинствата и фирмите да произведува и електрична енергија. Студијата што ја работиме треба да одговори дали и колку ќе биде исплатливо проширување на секундарната мрежа низ целиот град, односно сакаме да го видиме интересот на жителите за централно греење“, објаснува Митевски. Веќе била направена анкета на населението, која сега се обработува, а резултатите ќе биле познати кон крајот на ноември.
Овој капацитет беше изграден кон крајот на седумдесеттите години од минатиот век, во златното доба на „Саса“ и со пари на рудникот, а јагленот се обезбедуваше од беровскиот рудник „Брик“. |