За нашите политичари не важи круша под круша паѓа
Ќерките и синовите на славните татковци во македонската политика не се заинтересирани да ја продолжат традицијата
Оливера Војновска
Кенеди и Буш се најпознатите политички династии во САД. Во соседна Грција веќе половина век доминираат два клана - Папандреу во левицата и Караманлис во десницата. Според пишувањето на белгиските медиуми, 10 отсто од белгиските политичари се деца на политичари. Членот на Претседателството на БиХ, Бакир Изетбеговиќ, е син на поранешниот босански претседател Алија Изетбеговиќ. Политички амбиции покажа и најстариот син на поранешниот хрватски претседател Фрањо Туѓман. Професорот на загрепскиот Филозофски факултет, Мирослав Туѓман, си ја испроба среќата на годинашниве претседателски избори како независен кандидат, но не успеа да ја добие функцијата.
Во Македонија веќе се препознаваат неколку бизнис-династии, но нема вакви примери кога станува збор за политиката. Ќерките и синовите на славните татковци во македонската политика не се заинтересирани да ја продолжат традицијата, туку се занимаваат со сосема други професии.
Поранешниот претседател Киро Гли��оров има три деца, но ниту едно не се занимава со политика. Трагично загинатиот претседател Борис Трајковски и експретседателот Бранко Црвенковски имаат по две деца, син и ќерка. Иако се прилично млади, сепак, не сме слушнале дека пројавиле политички амбиции. Такво нешто не е познато ниту за синот на поранешниот премиер Љупчо Георгиевски. Синот на актуелниот македонски претседател Ѓорге Иванов е повеќе заинтересиран за музика, отколку за политика.
Надвор од политичките води се и децата на доајените во македонската политика: Љубисав Иванов-Ѕинго, Стојан Андов и Тито Петковски. Тројцата политички ветерани имаат континуитет на политичко дејствување во претходниот систем и шест мандати во Собранието, но нивните синови и ќерки не се гледаат во политиката. Синот и ќерката на Иванов се вклучени во семејниот бизнис, синот на Андов е директор во осигурителната компанија „Кјуби Македонија“, а ќерката е педагог. Постарата ќерка на Петковски се занимава со бизнис и маркетинг, а помалата е магистер по право.
„Никогаш не сум ги терал ниту, пак, сум ги насочувал децата да се занимаваат со политика. Се најдоа во сосема други професии, тоа е нивни избор и јас го почитувам“, ни вели Андов.
За Петковски е разбирливо што неговите деца не се интересирале за политика. „Долги години сум во политиката и ќерките гледаа колку е сурова оваа професија, на какви се' дискредитации и омаловажувања може да биде изложена една личност. Тие имаат поинаков систем на вредности, во кој не ја гледаат политиката“, вели тој.
Министерот за надворешни работи Антонио Милошоски неодамна кажа дека како татко би бил среќен неговиот тригодишен син Давид да биде спортист, а не политичар. „Мислам дека би било многу подобро кога син ми би бил спортист место политичар, на пример. Не само што тоа е поздрава, туку е и многу поубава работа од политиката“, рече Милошоски.
За разлика од нас, кај јужниот сосед се негуваат семејни традиции во политиката. „Најсигурен начин да станете премиер е да бидете син или внук на премиерот“, прокоментира во една пригода Јоргос Караџаферис. И додаде „време е тоа да се промени“.
Андреас Папандреу, татко на сегашниот грчки премиер Јоргос Папандреу, е основач на ПАСОК. Тој беше три пати премиер од 1981 година до смртта во 1996 година. Неговиот татко, Јоргос Папандреу (постариот), исто така, беше премиер и голема сила во грчката политика во текот на педесеттите и во шеесеттите години од минатиот век.
Поранешниот грчки премиер, Костас Караманлис, исто така, е директен потомок на уште една од грчките политички династии - внук на основачот на Нова демократија, Константин Караманлис. Тој беше грчки премиер во три мандати и претседател во два, последниот од 1990 до 1995 година.
Мицотакис е уште едно име што се повторува во грчката десница. Константинос Мицотакис, таткото на ексминистерката за надворешни работи Дора Бакојани, беше премиер. Неговиот син, Киријакос Мицотакис, е член на грчкиот парламент.
Димитров, Мијалков, Бајрам по стапките на своите татковци
Македонскиот амбасадор во Холандија, Никола Димитров, директор на Управата за безбедност и контраразузнавање, Сашо Мијалков, советник за надворешна политика на премиерот Никола Груевски, Андреј Лепавцов и градоначалникот на скопската општина Шуто Оризари, Елвис Бајрам, засега се единствените што се „охрабрија“ да ја продолжат семејната традиција. Димитров е син на поранешната пратеничка во првиот собраниски состав, Ратка Димитрова и на ексминистерот за култура Димитар Димитров. Таткото на Мијалков, Јордан, кој загина во сообраќајна несреќа, беше министер за внатрешни работи во владата на Никола Кљусев. Андреј Лепавцов е син на поранешниот министер за градежништво, исто така, во владата на Кљусев, Алексаднар Лепавцов.
Елвис Бајрам е син на пратеникот од Сојузот на Ромите, Амди Бајрам. (О.В.)
|