КИТ УРБАН
Зависноста му го загрози бракот со Кидман
Гостувајќи во емисијата кај Опра, пејачот Кит Урбан, попознат како сопруг на Никол Кидман, на каучот на славната ТВ-водителка се расприкажа за својот приватен живот и бракот со славната актерка. Открил дека четири месеци по венчавката со Никол, се пријавил за лечење од зависности од дрога и алкохол.
„Моите пороци можеа да не' уништат. Во клиниката не можев да побегнам од сомнежите дека моето лечење ќе не' раздели. Сега сме веќе четири години во брак, имаме зад себе многу убави моменти, кои го прават нашиот однос среќен и цврст“, вели Кит. Тој додал дека сопругата и неколку блиски пријатели го наговориле на лечење. Пејачот, имено, бил долгогодишен зависник од кокаин, а тоа бил негов трети престој на клиниката и обид да се излечи.
„Секогаш потклекнував и го избирав погрешниот пат. Овој пат ме спаси љубовта. Благодарен сум и' на Никол што имаше толку разбирање и трпение“, признал Урбан.
Никол, која како и сопругот е родена и порасната во Австралија, се согласила поради музичката кантри-кариера на Урбан да живее во Нешвил.
„Некому не би му одговарало тоа, но ние преферираме едноставен и мирен живот“, вели актерката, која со Кит има двегодишна ќерка, Сандеј Роз. |