Број 3446  среда, 01 декември 2010
прва страница Архива контакт редакција маркетинг претплата
Втора страница
На прво место
Политика
Македонија
Економија
Хроника
Едиторијал
Мислења
Писма
Свет
Култура
Спорт
Скопје
Забава
Некролог
Хороскоп
Што прават денеска
Енергија








Site Meter

Греење

Во потрага по најекономично греење

Новите видови за загревање на домовите со штедливи печки и пумпи контра традиционалните начини на греење на дрва, нафта, струја, парното...

Снежана Калабакова

За загревање секоја грејна сезона домаќинствата трошат голем дел од домашните буџети и токму затоа постојано прават калкулации и обиди за изнаоѓање нови и економични системи и начини на греење. На пазарот се јавија повеќе нови производи што ветуваат заштеди, па многумина се фатија да пресметуваат колку што е поекономично: традиционалните или новите начини на загревање на домовите?

Се' поскапо станува греењето на струја, а се зголеми и цената на огревното дабово и буково дрво и на течните горива, како што е нафтата за домаќинствата. Централното, односно парното греење, исто така, стана мошне скапо и наместо да се промовира во урбаните заедници, цената многумина ги натера да се откажат од него. За корисниците на АД „Топлификација“ тоа во јули поскапе за 11,35 а за оние од Скопје Север од побараните 40 отсто, се зголеми за 14,98 отсто. Надворешните температури како да се на страната на граѓаните, па токму затоа тие очекуваат, а и „Топлификација“ најави дека со декемвриското пеглање на сметките ќе добијат помали износи.

Но, за сметка на соседите што го откажале парното многу повеќе сега плаќаат оние што и натаму останале приклучени на системот. Ако некој потрошувач за површина од 80 квадратни метри плаќал месечна сметка од 3.100 денари и плус 3.800 за струја, сега затоа што по целата вертикала сите негови соседи го откажале парното плаќа многу повеќе и за ангажираната моќност на системот. Откажаните од парно, пак, експериментираат со нови начини на греење, а во последно време мошне популарни се електрични панели кои чинат 4,5 до 6 илјади денари, во зависност од видот и јачината, односно дали се од 1,5, два или 2,5 киловати. Тие се погодни за оние кои поголем дел од денот се на работа, па можат да ги вклучат откако ќе се вратат дома. Така, наместо „Топлификација“ да им диктира загревање на домот од 6 до 21 часот, тие самите си одредуваат колку и каде ќе греат. И наместо 12 месеци, ќе плаќаат од три до четири месеци. Така, нивните пресметки за огрев покажуваат дека ќе им останат повеќе пари во домашниот буџет.

Оние што користат дрво за огрев во стан мораат малку повеќе да се организирани околу неговото складирање, подготвување, палење и чистење на пепелта што останува по него. Маката околу сето тоа, велат, им се исплаќа, бидејќи штедат и на струја, затоа што на дрво можат и да готват.

Огревното дрво во скопските стоваришта се продава по цена од 2.371 денар до 3.200 денари за кубик. Во некои од нив во цената е вклучен и превозот, а во некои тој се наплаќа само ако доставата е на поголема оддалеченост.

Во стовариштето во Петровец буката чини 2.371 денар, а дабот велат ретко доаѓа и се продава по 2.453 денари. Тој се носи нарачано за синдикати. Во стовариштето на Паштрик во Чаир буката се продава од 2.800 до 3.000 денари, а дабот од 3.000 до 3.200 денари. За загревање на една и повремено на уште една просторија во дом од шеесетина квадратни метри, за средно студена зима на едно домаќинство му се потребни десетина кубици, односно околу 30 илјади денари. За исто толкав стан месечната сметка за парно изнесува 2.542 денари, а пресметано за 12 месеци треба да се издвојат 30.504 денари. Тоа значи дека сумата е речиси еднаква на онаа која ќе ја потрошат оние што ќе се греат на дрва, а само во две простории.

Но, за нив не е важна само цената на дрвата. Исто толку е битно да се избере и соодветна печка, која подолго ќе ја задржува жарта. Во дуќаните со вакви производи веќе се бараат штедливи печки на дрва, а продажните компании на големо ги рекламираат. Ваквите печки се полнат со пелети на два-три дена, а пепелта, како што тврдат, се празни на 50 дена.

Новите видови штедливи („екошпар“) печки, како што потенцираат дистрибутерите, значително ги намалуваат трошоците за време на грејната сезона, а лесно се одржуваат и се чистат. Тие се практични, еколошки, едноставни за ракување и лесно се вградуваат.

Печките за загревање трошат пелети - продукт од компресирано дрво. Тие имаат вградена електроника, а нивниот производител дава гаранција од една година. Обезбедува и редовен сервис во текот на цела година. Печките претставуваат своевиден модерен камин и за нив велат дека моментно се вистински хит во Европа. Печките не се карактеризираат само со ефикасност, туку и ја заштитуваат животна околина. Нивниот иновативен греен систем на база на пелети има ефикасност од 90 отсто, односно висок процент на согорување, останува малку пепел и притоа се испушта само безбоен гас, кој не е штетен за природата. Печките се со различна големина и наменети за загревање на помали или на поголеми површини.

При пресметките колку се исплатливи, секако, треба да се земе предвид и нивната цена. Така, печката со моќност од 6 киловати, дополнета со систем за дување топол воздух, чини речиси илјада евра, односно 52.510 илјади денари. Според спецификацијата, таа е доволна за загревање површини до 60 квадратни метри, нејзината максимална потрошувачка изнесува 6 килограми пелети дневно, или околу 2.450 денари месечно. За помоќниот модел од 8 киловати со систем за дување топол воздух треба да издвојат 67.850 илјади денари, плус околу 3.250 денари месечно, доколку се користи максималното количество од 8 кг пелети дневно. Погодна е за загревање домови до 80 квадратни метри. Третата, најмоќна печка од 23 киловати, која истовремено претставува и котел за парно греење со капацитет од 75 литри, чини над 2 илјади евра, односно 123.900 илјади денари. Велат дека со неа може да се затоплува површина до 250 квадратни метри, а максималната потрошувачка изнесува 25 килограми пелети дневно, или околу 10.150 денари месечно.

Печките на пелети, според тврдењето на застапниците, се подобри од оние на дрво затоа што се поекономични, пелетите се поевтин и поефикасен избор за затоплување отколку затоплувањето со дрва, гас, нафта или со струја.

Печките се лесни за одржување, нема купување, сечење и складирање дрва, ниту, пак, ставање пелети неколку пати дневно. Пелетите се спакувани во кеси од по 15 кг и печките со нив се полнат на секои два-три дена, а пепелта од печките се чисти на 50 дена. Печките се палат со притискање на само едно копче, а лесно и едноставно се регулира топлината во домот. Може и временски да се програмира палењето и температурата секој ден во неделата. Печките имаат можност за надградба со рутер, кој ќе овозможи контролирање на печката за палење, гасење, регулирање на температура дури и преку СМС-порака. Лесно се вградуваат и не е потребно приспособување на домот. За нив не треба ниту оџак, а доволен е само издувен отвор, како кај клима-уредите.

За многумина последниве неколку години вистинско решение е поставување сопствено парно. Загревањето на котелот на струја е мошне скапа варијанта, а оние кои експериментирале со вакво нешто за куќа со површина од шеесетина квадратни метри велат дека во зимс��ите месеци плаќаат дури и по 12 илјади денари.

И греењето на струја не е евтина варијанта. Искусните потврдуваат дека во периоди кога е мошне студено за загревање три спални соби со термопечки, во зимските месеци за струја издвојуваат по 8-12 илјади денари. Зголемувањето на цената на струјата за ваквите домаќинства зимава ќе ја направи уште поскапа.

Наспроти класичните видови затоплување на домовите, последниве неколку години на пазарот се пробиваат и геотермалните пумпи, кои се енергетски ефикасен уред. Штедат енергија и даваат топлинска енергија три пати повеќе од класичните извори и не го нарушуваат комодитетот на луѓето. Оние што веќе се грееле со нафта или струја, а потоа инсталирале геотермални пумпи знаат дека потрошиле три пати помалку.

Геотермалните пумпи се енергетски ефикасен уред, што значи, овозможуваат штедење без притоа да го промените комодитетот, т.е. навиките или условите во поглед на греење. Штедат енергија со тоа што даваат топлинска енергија три пати повеќе од електричната енергија што ја трошат. Оние кои веќе се греле со нафта или струја, а потоа инсталирале гетермалните пумпи знаат дека потрошиле три пати помалку. Геотермалните пумпи можат да се инсталираат во секој објект каде има потреба од греење или ладење, како и во индивидуални куќи и во станбени згради, ако меѓусебно станарите се договорат. Она што е потребно за монтирање на геотермалните топлински пумпи е доволна количина бунарска вода или доволно простор околу и под објектите за поставување цевни изменувачи во земја. Всушност, станува збор за два стандардни система на геотермални топлински пумпи. Првиот кога топлината се црпи од бунарската вода, а во вториот случај од земја. Со геотермални пумпи што користат топлина од бунарски води се греат објектите на болницата „Систина“, потоа оној на „Фонко“ и повеќе индивидуални објекти за домување. Со геотермални топлински пумпи, кои топлината ја црпат од земја, ќе се грее новиот комплекс на Водно „Соравија“. Пресметките на експертите се дека со геотермалните пумпи сметката за струја на крајот од месецот е три пати помала. За една грејна сезона, велат, за објект од 100 квадратни метри едно домаќинство ќе потроши 1.230 евра доколку се греат на нафта, за греење на струја 920 евра, а со геотермални пумпи загревањето на домот ќе ги чини 310 евра. Со оглед на фактот дека струјата уште ќе поскапува, трошоците за греење ќе одат уште погоре. Инвестицијата за геотермалните пумпи е помеѓу 60 и 80 евра за квадратен метар станбена површина.

За една грејна сезона, велат, за објект од 100 квадратни метри едно домаќинство ќе потроши 1.230 евра ако се грее со нафта, за греење на струја 920 евра, а со геотермални пумпи загревањето на домот ќе ги чини 310 евра. Со оглед на фактот дека струјата уште ќе поскапува, трошоците за греење ќе одат уште погоре. Инвестицијата за геотермалните пумпи е помеѓу 70 и 80 евра за квадратен метар станбена површина.

„Квалитетот на опремата дополнително влијае на цената, а особено е важно дали станува збор за инсталирање на геотермални пумпи за постар или понов објект. Ако тоа е постар објект со лоша изолација и дотраена столарија, инвестицијата ќе чини поскапо. Ќе бидат потребни повеќе грејни тела, односно ќе треба да се монтира геотермална пумпа со поголем капацитет, вели Сашо Младенов, маркетин менаџер во „Фонко“.

Постојат два вида на геотермални пумпи. Едните овозможуваат ладење и греење, а вторите само греење. Првите во режим на греење во системот можат да постигнат 45 Целзиусови степени, а вторите 65 Целзиусови степени. Вторите се погодини за аплицирање на постоечки системи со радијатори и инвестицијата за нив би чинела значително помалку.

Очигледно, нема единствена формула за најоптимално загревање на просториите во кои се живее или работи. Тоа, пред се', зависи од сопствените афинитети, начин на живеење, но и од можностите, пред се', имајќи ги предвид потребните средства за почетна инвестиција и за колку време таа би се исплатила, во однос на постојните трошоци. Семејствата што живеат во индивидуални куќи полесно можат да експериментираат, но малку покомплицирано е за оние што живеат во колективни станбени згради во урбаните средини. (Сн.К.)


#
Статијата е прочитана 1335 пати.

Испрати коментар
Најди! во Утрински
Насловна
Филмска свадба на бизнисменот Калеников
Тиквешански
Европскиот парламент и' отвори фронт на Македонија
Дора Бакојани и Мара Попара во нашиот парламент
Шопинг- манија
Зависноста му го загрози бракот со Кидман
Енергија
Албанците ќе влегуваат во Србија без визи
Дипломатски 9/11
Каде се земаат највисоки плати
Ризиците од соларно невреме
Најголемите рок-кавгаџии
Во Индонезија дизајнирани чевли-правосмукалка
Кога се искрени - на „Фејсбук“ или во официјалните изјави?
Дијаспората - огромен инвестициски потенцијал
Адио за Јувентус во фудбалска Европа
За името се зборува во телеграмите на „Викиликс“
Прирачник за штедливи возачи
Дино Мерлин ќе пее за БиХ на Евровизија
Карикатура
Еминем, Лејди Гага, Алиша Кис... номинирани за „Греми“
Како да се избегне „струен удар“ врз домашниот буџет
Почина создавачот на неутронската бомба Самуел Коен
 


Macedonians do not trust EU policy towards their country
Hungarian journalists awarded for courageous reporting
Macedonia's secret surveillance society