ЕДИТОРИЈАЛ
Дипломатски 9/11
Димитар Чулев
И... Сега не е проблемот во тоа што „протече“ или ќе протекува во наредните денови во „Викиликс“, скандалот кој весниците го претставуваат најголемиот напад на САД на сопствена територија по уривањето на кулите-близначки. Проблемот што од 250.000 класифицирани информации кои им ги достави сајтот „Викиликс“ на пет влијателни медиуми нема да биде објавено?!
Прекарите за светските лидери од типот „Тефлон лејди“ за Ангела Меркел, „Алфа куче“ за Владимир Путин, кој бил, пак „ Бетмен“, за „ Робин“ (Медведев), навредувањето на Ердоган (инаку, најбитен сојузник на американската акција во Ирак), дека бил надмен претставува симпатично четиво и за консументите на „Гардијан“, „Ел паис“, „Њујорк тајмс“, „Монд“, „Дер шпигел“. Овие големи медиуми се одбрани и сакаме да веруваме дека е така, токму поради професионализмот, што подразбира дека тимовите новинари, кои ги чешлаат милионите детали од протечените фајлови, нема да пуштат во оптек информации, кои извадени од контекст и специјално публикувани, можат да предизвикаат - војна. Иако обелоденувањето на американските повици до арапските лидери самостојно да го нападнат Иран сериозно се доближува до „тенката црвена линија“, која може да направи војна на Блискиот Исток.
Нема ништо симптоматично во тајната Интернет-комуникација на американската дипломатска мрежа. Постарите генерации што учеле средно или имаат факултет со предметот ОНО, знаат дека дипломатските претставништва се легални шпионски гнезда и дека сумирањето и класифицирањето информации од дневниот печат е дел од дозволената разузнавачка активност.
По истекувањето од „Викиликс“, светот доби потврда за „диго“ квасец позицијата на Америка која е толку моќна да си дозволи да собира биометриски, биографски и безбедносни информации дури и за првиот човек на ОН, за луѓето од неговото обезбедување, за претставниците на земјите-членки во Советот за безбедност. Зошто? Јавна тајна е дека САД како најголем финансиски парципиент во ОН директно влијае, со давање или недавање средства, во изборот на првиот човек на светската организација. Паметиме дека Бутрос Гали беше принуден да замине, а Кофи Анан доби „воспитна“ кога се „истрча“ околу една воена интервенција во 1999 година над една суверена земја.
Констатацијата дека ова е втор удар на Америка на домашно ниво што го протежираат некои аналитичари и не е неиздржана. Американската администрација која издава извештаи, анализи за човекови и малцински права, за безбедност, за кризни региони и која сериозно антиципира идни настани на локално или на глобално ниво, со истекувањето преку „Викиликс“ изгуби многу од кредибилитетот. Не може шефот на земјата во која САД војува, Авганистан, во „приватните фајлови“ на американските дипломати и воени команданти да се прогласува за параноичен (Хамид Карзаи), непристојно е лидер на една европска земја, Берлускони, да се прогласува за „уста на Путин во Европа“, а лидерот на земјата со која Обама и НАТО, на последниот самит во Лисабон, најавија нови односи на рамноправна основа, да се нарекува „Робин“ на премиерот Путин, кој има шифра „Алфа куче“.
Светот веќе од утре нема да биде поинаков. Добро е што „Викиликс“ се обрати до професионални медиуми и новинари. На нив е сега да одберат што ќе предизвика медиумско внимание од понуденото, а што нема да биде објавено поради огромната штета што може да предизвика. Сопственикот на сајтот „Викиликс“, Џулијан Асанж, најверојатно, ќе биде суден за пуштање во оптек на информации кои се од многу сензитивен карактер. Но, Америка ќе треба уште долги години да ја санира штетата.
Затечени се и лидери од земји што разменувале информации со американската администрација преку локалните амбасади и кои во неофицијалните разговори искажувале ставови за односите со соседите. Објавувањето на тие „консултации“ може да предизвика хаос. |