Каде се земаат највисоки плати
Банкари, брокери, фармацевти и вработени во телекомуникацискиот бизнис се најголемите среќници во поглед на примањата
Соња Маџовска
Што би правеле и на што би потрошиле 60.000 евра ако по некоја случајност ви се посреќи и во најубавиот сон се замените со топ менаџерот, кој ја зема оваа месечна плата?
„Веднаш би си купил стан, кола, ќе одам на Хаваи. Дел од парите би ги инвестирал во акции, по можност на странските берзи, иако и некои домашни компании не се за потценување“, ваков е одговорот на голем број граѓа��и, кои додаваат дека, сепак, за нив таквата плата е научна фантастика и не можат дури ни да ја замислат.
Некои во земјава се и такви среќници, па кај останатите логично се наметнува прашањето, кои се топ менаџерите што земаат топ плати?
Не е тајна дека месечните примања на најплатениот менаџер во земјава изнесуваат ни помалку ни повеќе, туку 60 илјади евра, овој податок веќе го објави и Управата за јавни приходи. Во телекомуникацискиот сектор месечната плата на најплатените достигнува и до 30 илјади евра, кај банкарите највисоките плати се движат од 10.000, па се' до 30.000 евра.
Кои се најплатените професии, менаџери во земјава е една од најинтересните теми, но тешко се доаѓа до официјални податоци, бидејќи нашите менаџери ја кријат висината на платите, како змија нозе. „Нема шанси да ви дадеме такви информации, тоа се строго доверливи податоци“, е најчестиот одговор што го добивме од компаниите, а за кои и врапчињата знаат дека делат астрономски плати, барем за наши услови. Но, не е се' во платите. Ако на нив се додадат и бонусите, дивидендите, тогаш излегува дека некои навистина не знаат што да им прават на парите. Но, и овие податоци се строго доверливи. Не се открива ниту колкава е вкупната сума што ја издвојуваат компаниите за распределба како награда. Она што неофицијално се открива, на пример, е дека околу 7 до 8 проценти од вкупниот профит што го остварила банката во претходната година, се издвојува за бонуси. Според досегашната практика, прво се распределува сумата за дивиденда, а потоа сумата за бонуси. Сепак, банкарите коментираат дека бонусите што ги добиваат се смешни во споредба со милионските бонуси што ги добиваат светските банкари. Според некои наши пресметки, тие изнесуваат по неколку илјади евра.
Она што не го кријат компаниите, се дивидендите. Тие јавно се објавуваат. Познато е дека „Телеком“ дели највисока дивиденда, потоа доаѓаат „Алкалоид“, Комерцијална банка, Стопанска банка - Битола, „Гранит“, „Топлификација“, „Скопски пазар“, „Фершпед“, „Реплек“, „Македонија турист“. На листата на најголема добивка од дивиденда лани беше лице од Скопје со приход од дури 1,1 милион евра.
Но, ако се симнеме малку подолу, меѓу раководителите на сектори во банките, излегува дека највисоките плати што се исплаќаат во земјава се движат од 1.000 до 2.000 евра. Тука некаде, околу илјада евра се движат и платите на најплатените брокери. Оваа професија иако беше меѓу најплатените за време на берзанскиот бум, па некои брокерски куќи исплаќаа и по 2.000 евра плата, сега сликата е драстично променета. Освен првите луѓе на брокерските куќи, другите вработени ја земаат просечената плата во земјава од малку над 20.000 денари.
Добро платени, освен менаџерите, се и другите пониски скалила кај фармацевтските работници. Во зависност од тоа каде се вработени, дали во домашна или странска фирма, платата им се движат околу 1.000 евра кај нашите газди, а до 2.000 евра кај платите што ги делат странците.
Платите на шалтерски работници во банка или оператори во телекомуникациските фирми се движат од 500 до 700 евра.
За наши услови и овие суми се сметаат за солидни примања. Но, не само фирмите, туку добри плати во земјава имаат и судиите до 1.300 евра, а месечните примања на највисоките државни функционери достигнуваат до 1.500 евра.
Овие плати се помалобројни, во однос на целата бројка вработени лица, но тие, всушност, го качуваат просекот секој месец, што го објавува Државниот завод за статистика. Според последните податоци, просечната исплатена нето-плата во септември годинава изнесувала 20.554 денари. Во земјава во последните дваесет години до тој степен се продлабочи разликата меѓу богатите и сиромашните, што во услови кога земјава се дави во сиромаштија и невработеност, има такви што не знаат каде да ги потрошат парите, додека повеќето не знаат како да преживеат. |