Атина – ден потоа
Сцени на хорор, ужас и неизвесност во лулката на демократијата
Од нашиот дописник Миркица Поповиќ
Атина - Каде оди Грција? Еден ден по сцените на воен ужас и вандализам во историскиот центар на Атина, ова е главното прашање што се врти низ сечија глава. По изгласувањето на мерките за штедење, наместо очекувано да се продолжат масовните мирни протести, искрсна насилна војна, која потсетуваше на сцените од декември 2008 кога цела Грција гореше поради убиството на Александрос Григоропулос. Резултатот од изгласувањето на новиот пакет беше разрушен центар на градот. Искршени мермерни скали, тротоари, целосно демолирани излози на рестораните и продавниците околу „Синтагма“, запалена пошта, штети на Министерството за финансии, демолирани банки, уништени кафулиња.
Штетата е огромна. Единствени позитивни коментари се дека можеби целата сцена е подобра затоа што нема човечки жртви или продавници изгорени до темел. Сепак, имаше околу 100 граѓани и полицијаци повредени во нередите, а над 500 граѓани се наоѓаа во критична состојба поради проблеми на дишните патишта. Покрај медицинскиот персонал во болниците на граѓаните во пресрет им излегоа и лекарите што се наоѓаа во метрото на „Синтагма“ и нудеа медицинска помош при проблеми со солзавец.
Цела Атина е гневна на она што се случуваше вчера. Упадот на групи маскирани граѓани, кои неуморно во текот на целиот ден и ноќта водеа брутална војна со камења, молотови, солзавец, димни бомби со полицијата, ги растури и импровизираниот камп на мирните граѓани, кои 35 дена масовно протестираа поради владините мерки. Меѓутоа, вчера повторно беа најавени нови протести и поради мерките и поради насилството што беснееше на улиците. Она што најмногу ги вознемири граѓаните беа повеќето видеоснимки, кои покажуваат како полицијата соработува со напаѓачите, што за атињаните беше уште една потврда на шпекулациите дека можеби се работи за луѓе испратени од полицијата да создаваат нереди за да се оневозможат масовни протести.
Многумина од нив коментираат дека веќе се навикнати на овие сцени и едноставно одбираат да бидат на друга локација кога се случуваат овие работи. Забележуваат дека едноставно е тажно што се дозволува ваква слика да преовлада низ светот за Грција и да се поткопа нејзиниот имиџ. Министерот за заштита на граѓаните, Христос Папуцис, издаде наредба да се изврши истрага за видеоснимките каде што јасно се гледа дека полицијата соработува со маскираните лица, а, генерално, и владата и пратениците побараа да се истражи насилството што доведе до руинирање на центарот на градот. Советот на Општина Атина одлучи да поднесе тужби против виновниците за уништување државен имот. Пратениците од опозициските партии остро реагираа против насилството и неспособноста на полицијата да воведе ред и да се справи со напаѓачите.
Иако Европа зема мала оддишка по изгласувањето на новиот пакет мерки, најважна од нив и за Грција, но и за заинтересираните ЕУ-странки е приватизацијата на државните компании, сепак, светските медиуми коментираат дека ни овие мерки нема да помогнат за стабилизација на ЕУ и еврозоната. Низ медиумите се коментира дека и овој лек што го зема Грција само ќе ја влоши ситуацијата, а уште повеќе, веројатно, ќе ги влоши работите и за еврото. До кога ќе се одржи новиот пакет мерки, дали воопшто ќе се спроведе се основните прашања и задолженија за грчката влада. Опозициската Нова демократија предвидува целосен економски и социјален колапс доколку грчката влада продолжи да чекори во ист ритам, иако одлучија да го поддржат планот за приватизација на државните компании. Опозициските партии продолжуваат да инсистираат на предвремени избори затоа што за нив следниот чекор и следното позајмување од ЕУ и ММФ ја внесуваат Грција во банкрот. Светските аналитичари коментираат дека доколку дојде до банкрот, кој толку категорично го одбиваат сите лидери на ЕУ, прашањето ќе биде дали Грција ќе има реструктуирања на долгот во кој кредиторите ќе и' отпишат дел од него или, пак, ќе и' биде даден подолг период за да ги исполни своите обврски за да ги врати долговите. Прашањето од каде се тие долгови, економските аналитичари го наоѓаат уште во владата на Андреас Папандреу, кој како што паметат и самите Грци, направил ветување дека ќе најде начин Грците да имаат комотен живот со поволности во сите сектори.
Она што сега ја кочи Грција и исплаќањето на грчкиот долг е неможноста да се организираат даночните инспектори за целосна проверка и чешлање на даночните затајувачи, меѓу кои се и политичарите, докторите и градежните компании, кои со години успешно пријавувале само 10 отсто од нивните вистински приходи. Реално никој не кажува каква е моќта на грчката економија и на кој начин би можела да се извлече од кризата со продавање државен имот, но и со добрата бродска индустрија, туризам и прехранбена индустрија. |