Каква ЕУ замислувал Роберт Шуман
Деновиве (29 јуни) се одбележува 125-годишнината од денот на раѓање на Роберт Шуман, основоположник на Унијата за јаглен и челик меѓу Германија и Франција, од која се разви денешната Европска унија
Пет години по крајот на Втората светска војна, германско-француските врски беа полни со недоверба.
„Европа треба да престане да биде бојно поле за крвопролевање на спротивставените сили. Од ова скапо платено самоспознавање, сакаме да тргнеме на нови патишта, кои водат до единствена и засекогаш мирна Европа“, изјави Роберт Шуман, пионерот на помирувањето, кој во иста мера се чувствуваше дома во Германија, во Луксембург и во Франција. Шуман беше роден во германскиот Рајх, со луксембуршки како мајчин јазик. Тој живееше, студираше и работеше во Луксембург, Бон, Минхен, Берлин, Стразбур и Мец.
Кога Елзас-Лотринген по Првата светска војна во 1919 година беше вратен од Германија на Франција, Шуман зеде француско државјанство. Во Франција тој започна политичка кариера. Кратко по Втората светска војна стана француски премиер, а подоцна и министер за надворешни работи. Тогаш тој започна една иницијатива, која го промени изгледот на Европа.
„Француската влада предлага, германското и француското производство на јаглен и челик да се стави под една управа“, истакна Шуман.
Со тоа Шуман сакаше да постигне континуирана соработка и цврсти врски меѓу некогаш непријателските земји. Во сојузниот германски канцелар Конрад Аденауер тој најде партнер на германската страна, кој ги следеше истите цели.
„Железото и челикот во изминатите децении и векови имаа фатална улога во меѓусебните борби на европските народи, оти сите оружја се од железо и челик. Сега тие треба да ги придвижат европските народи кон единство во дејствувањето и размислувањето“, рече Аденауер.
Како награда за вложените напори, Шуман е назначен за прв претседател на Европскиот парламент. Европската унија за јаглен и челик беше почеток на едно прогресивно здружение, кое денес со ЕУ и нејзините 27 земји-членки опфаќа половина милијарда луѓе. (Дојче веле) |