03.02.2012, 17:43 Едиторијал
Оптимисти до крај
Нина Нинеска-Фиданоска
Не добија шанса вчера новинарите да се соочат со вицепремиерот и министер за финансии, Зоран Ставрески, за да го прашаат дали Владата и натаму стои на својот оптимистички, или подобро речено утопистички став за пораст на економијата годинава од 4,5 проценти. Чуварот на државната каса не се појави на ниту еден пригоден настан, на кој ќе имаше шанса да проговори што е тоа што ќе го поттикне толку силно растот во земјава, во време кога нашите главни трговски партнери се соочуваат или со пад на економската активност, или грчевито се борат да задржат барем минимални позитивни вредности. Дури и да се „обезбедеше“ јавен настап на министерот, тој веројатно ќе ги повтореше досега добро познатите „теории“ дека Владата внимателно ги следи состојбите и ќе реагира тогаш кога за тоа ќе почувствува потреба.
„Нема да коментираме“, беше единствениот одговор што го испорача Кабинетот на Ставрески, откако монетарната власт излезе со својата безмалку двојно пониска прогноза, за раст од само 2,4 отсто. Аргументирано и прецизно, првиот човек на Народна банка на Македонија, гувернерот Димитар Богов, ги соопшти предвидувањата на оваа институција, посочувајќи конкретно кои се главните ризици што ќе ја забават македонската економија. Претходната процена на централната банка изнесуваше три проценти, ама по најновите направени анализи, и што е уште поважно, по консултациите со релевантни меѓународни извори, тимот на НБМ заклучил дека и тоа е „пренадежна“ варијанта, па ја коригира уште надолу. Што предвидуваат Светска банка и Меѓународниот монетарен фонд, веќе е здодевно и да се повторува, бидејќи нивните проекции од 2,5 и два отсто, сигурно, и' се веќе добро познати на економската јавност.
Само Владата не се предава. Таа имала рецепт како да и' пркоси на европската криза, притоа исфрлајќи ги капиталните инвестиции од буџетот како еден од најсилните адути.
За волја на вистината, ако внимателно ги погледнеме последните изјави на премиерот и на министрите, прогнозата од 4,5 проценти веќе не се изговара гласно. Само што не се ни кажува официјално дека таа се променила. Во замена за бараната „искреност“, владиниот економски врв во најново време ја турка тезата дека без разлика на точниот процент, во време кога Европа се тресе од рецесија, сите проекции што се правеле за раст на македонскиот БДП, биле највисоки во регионот.
Честитки што е така. Сепак, прецизноста е една од најсилните страни на економијата. Прогнозираниот раст не е категорија сама за себе, туку тоа е основата на која се темели буџетот, најважниот економски документ на една држава. Ако неговите приходи и расходи се базирани на фантастичната проекција од 4,5 отсто, и ако таа сега се покажува како недостижна, тој факт што побрзо ќе мора да се прифати и да се отслика во државната каса. Опозицијата веќе повика итно да се донесе ребаланс на буџетот и тој да се усогласи со реалните состојби во економијата. Во спротивно, се' повеќе добиваат на тежина експертските стравувања оти власта не сака да се откаже од трошаџиската комоција, за што навреме се обезбеди и со странски кредити, па затоа и одолжува со ова клучно „признание“. Деновиве се дозна дека и минатогодишниот буџет не бил реален, бидејќи собраните приходи останаа за дури 183 милиони евра пониски од оние што се планираа на стартот.
Сега Владата е на потег. По многубројните „ќе“ инвестиции и ветувачки роуд-шоуа, на ред е да се донесат и вистинските, некогаш и непопуларни економски одлуки. |