ЕК очекува раст од 1,5 отсто на македонскиот БДП за 2010
Во своите најнови прогнози ЕК наведува дека во 2010 и 2011г. тешко ќе се отвораат работни места и ќе растат платите
Европската комисија за Македонија за оваа година очекува умерена рецесија, но со долготрајни структурни предизвици. Во целост, економската активност се очекува да опадне за околу 2 отсто во 2009 поради намалениот извоз, пониски инвестиции и опаѓање на личната потрошувачка, се вели во најновите прогнози кои Европската комисија ги соопшти вчера во Брисел за сите европски држави, вклучително и за Македонија.
ЕК предвидува дека во 2010 негативниот импулс од глобалната криза се очекува да се намали, што би требало да овозможи економијата да порасне за околу 1,5 проценти. За разлика од ЕК, нашата Влада за в година прогнозира раст од два отсто. Според ЕК, главните извори за закрепнувањето ќе бидат личната и јавната потрошувачка, додека извозот веројатно ќе остане забавен. Во 2011 година се очекува економската активност да се зголеми за околу 2,5 проценти. „Со оглед на неизвесноста поврзана со глобалната економија, домашната побарувачка, а особено реално расположивиот приход, ќе бидат клучни фактори за динамиката на развој на земјата“, се вели во прогнозите.
Комисијата наведува дека во последниве години примањата на работниците и другите лични приливи на капитал се зголемиле до 19 отсто од БДП. За време на прогнозираниот период се очекува тие приливи да се вратат на нивните претходни нивоа од околу 15 отсто од БДП, како одраз на се' потешката ситуација на пазарот на труд во голем број земји. Како и да е, овој извор на приходи се очекува да остане на многу значајно ниво. Се' додека меѓународните цени за енергија и суровини се умерени, инфлацијата веројатно ќе биде ниска во текот на прогнозираниот период.
Приходот од труд веројатно ќе се намали во 2009а, како резултат на опаднатата вработеност и нискиот пораст на платите. Во поглед на веројатно се уште тешката меѓународна средина во 2010 и 2011, потенцијалот на земјата за отворање дополнителни работни места или зголемување на реалните плати ќе остане ограничен.
Инаку, ЕК наведува дека глобалната криза силно влијаела врз македонската економска активност од последниот квартал на 2008 наваму. Инвестициите забележливо опаднале на крајот од 2008, како одговор на намалените изгледи за извоз и зголемената неизвесност. „Личната потрошувачка опадна во вториот квартал, одразувајќи ја се' поголемата неизвесност кај домаќинствата за блиска иднина и зголемените отпуштања од работа во индустријата. Сепак, опаѓањето на производството досега се' уште е умерено“, се вели во извештајот.
ЕК констатира дека како реакција на финансиската криза, владата најавила два антикризни пакета, еден во декември 2008 година со обем од околу 5 отсто од БДП, и друг во март во форма на програма за проширени инвестиции, предвидувајќи зголемување на јавните инвестиции од околу 3 отсто од БДП во минатото, до 7 отсто од БДП во 2009. „Сепак, реалното влијание на двата пакета врз јавните приходи и трошоците досега беше многу ограничено, така што потрошувачкиот бум на крајот на годината беше главниот фискален стимул. Во поглед на опаднатиот прилив на капитал, финансирањето на тие увози создаде притисок врз надворешните резерви на земјата. Ситуацијата на пазарот на труд се влоши кон крајот на 2008, кога застојот во економската активност беше проследен со намалување на стапката на вработување. Невработеноста незначително опадна, но се' уште е на алармантно високо ниво од околу 34 отсто од работната сила.
Инаку, ЕК очекува економиите на 27-те членки на ЕУ и еврозоната во 2010 да забележат раст за скромни 0,7 отсто. ЕК очекува економските активности во 16-члената еврозона годинава да паднат за 4 отсто, а во целата унија за 4,1 процент. Оваа прогноза, е подобра од пролетната, кога ЕК очекуваше пад на БДП во ЕУ и во еврозоната за 2010 од 0,1 отсто. (Н.Н.Ф.) |