Обама доаѓа во Копенхаген
Европските лидери очекуваат САД да дадат прилог за намалување на глобалното затоплување
Одлуката на претседателот Обама да присуствува на разговорите на ОН за климата во Копенхаген, е поздравена од европските лидери. Шведскиот министер за животна средина, Андреас Карлгрен изјави дека присуството на Обама следниот месец ќе ги зголеми очекувањата. Од САД претходно соопштија дека претседателот Обама ќе се заложи за намалување на емисиите на гасови со ефект на стаклена градина во неколку фази, почнувајќи со 17-процентно намалување до 2020 година. Меѓутоа, уредникот на Би-Би-Си за Северна Америка јави дека голем број активисти за подобра животна средина ги сметаат американските цели за разочарувачки.
Првиот човек на ОН за климата, Иво де Боер изјави дека присуството на Обама во Копенхаген „би било од критично значење за добар исход“. Данскиот премиер Ларс Локе Расмунсен изјави дека посетата на Обама „ја истакнува волјата на претседателот да даде придонес во амбициозниот глобален договор во Копенхаген“. Претседателот Обама ќе пристигне на самитот на 9 декември, два дена по неговото отворање. Меѓутоа, тој нема да остане до крајот на 12-дневниот самит, кога делегатите се надеваат дека ќе постигнат заеднички договор. За време на престојот во Европа, тој ќе го посети и Осло каде што ќе ја прими Нобеловата награда за мир, откриваат официјалните лица.
Самитот на ОН има цел постигнување нов договор што ќе го замени Протоколот од Кјото од 1997 година, иако набљудувачите сметаат дека веројатноста за тоа е мала. Американски официјални лица изјавија дека Вашингтон ќе вети 17-процентно намалување од емисиите од нивото во 2005 до 2020 година, 30-процентно намалување до 2025 година, 42% до 2030 и 83% до 2050 година. Меѓутоа, целите на повеќето од останатите земји се дадени во споредба со бројките од 1990 година. Дописникот на Би-Би-Си јави дека врз таа основа американските бројки изнесуваат само неколку процентни поени, бидејќи нивните емисии на гасови се зголемени за околу 15% од 1990 година. Ова е многу помалку отколку ветувањето што го даде ЕУ за 20-процентно намалување на емисиите во истиот период или 30-процентно намалување, ако се постигне глобален договор; но е многу помалку отколку 25 до 40-процентното намалување што го бараат земјите во развој.
Карлгрен, чијашто земја го има ротирачкото претседателство со ЕУ, изјави дека е задоволен што САД ќе излезат со цел намалување на емисиите на гасови, но додаде: „Таа треба да биде доволно амбициозна. Договорот во Копенхаген ќе биде успешен или не, во зависност од доволно амбициозните цели од САД и Кина“.
Делегации од 192 земји ќе бидат дел од овој самит. Меѓу лидерите за кои се вели дека ќе присуствуваат се: британскиот премиер Гордон Браун, францускиот претседател Никола Саркози и неговиот бразилски колега Луис Инасио Лула да Силва. Претседателот на Европската комисија, Жозе Мануел Баросо, изјави дека од суштинско значење е што е можно поголем број на светски лидери да присуствуваат на самитот. Ху Џинтао, претседателот на најголемиот загадувач во светот, Кина, се' уште не одлучил дали ќе присуствува. САД се вториот најголем загадувач, по Кина. (Би-Би-Си) |