БЕЗ РАКАВИЦИ
„Вијагра“ и балван
Јосиф Ќурчиев
Дали фармаколош-ката индустрија може да измисли лек за ментална стимулација на политичката елита?
Читам деновиве во едно белосветско списание дека на почетокот на деведесеттите години фирма за лекови чие име е „Pfizer“ измислила нов лек со кој сметала дека ќе ја лекува ангината. За жал, пишува таму, новиот лек не бил успешен при тестирањето. Меѓутоа, притоа бил откриен неочекуван нусефект. Така беше родена „вијагра“. Тоа на фирмата и' овозможи да стане фармацевтска суперсила. Оттогаш луѓето размислуваа и за тоа дали оваа чорба може да им помогне и на гуските, ако веќе им помогна на гусаните, шеговито посочува списанието. Многумина се обидуваа, меѓу нив и „Pfizer“, фирма што великодушно, бесплатно, ја тестираше „вијагра“ за да установи дали функционира и кај жените. Тоа не се случи. Списанието натаму вели дека приказната за „филбансерин“, како што се нарекува еден нов лек, има сличности со онаа за „вијагра“. Составувачот на овој лек предвид ја имал депресијата како своја цел. Токму жените, а не мажите, како нусефект, при тестирањето на новиот лек, пријавувале зголемена сексуална желба. Последните тестирања биле спроведени во три клиники во Северна Америка и во Европа во кои биле вклучени повеќе од 1.900 жени, а резултатите биле соопштени на 12. конгрес на Европското друштво за сексуална медицина во францускиот град Лион, одржан на 16 ноември годинава, информира белосветското списание. Тестираните жени имале долготројно намалено либидо што предизвикувало незадоволство и конфликти во нивните врски. Жените што го примале овој „филбансерин“ 24 седмици, соопштиле задоволувачки пораст во „сексуалните случувања“ исто како и пораст на желбата за секс и помалку стрес кога станува збор за онаа работа! Мнозинството тестирани дами притоа биле во претменопауза. Во текстот се соопштува за два недостатока од кои јас ќе го забележам само вториот: за разлика од „вијагра“, „филбансерин“ не може едноставно да биде консумиран само еден час пред планираниот сексуален чин. Потребно е да се голта со седмици пред да даде резултат и, за да се одржи ефектот, односно зголемената желба треба и натаму да се прима. (Стар фармаколошки трик за правење зависници и прибирање пари, но овој пат зависноста барем е слатка!)
Зошто целото ова објаснување за „вијагра“ и за „филбансерин“?
Сакам, имено, да упатам апел до фармаколошката индустрија, особено до оние што секојдневно мешаат различни состојки во своите лабораториски епрувети, да измислат некоја супстанца што би ја користеле политичарите. Доколку во тие лаборатории го открија свинскиот грип и го пуштија во промет, како што тврдат многумина љубители на теориите за заговор, во што веројатно има и барем трошка вистина, а потоа смислија и контрасредство за одбрана од него, што им носи милијарди евра или долари на производителите, секако можат да и' излезат во пресрет и на ваквата желба, макар засега била поединечна. Значи, некој вид „вијагра“ или „филбансерин“ што во прво време би бил задолжителна терапија за политичарите. Како ќе го крстат тој лек им оставам на нивната фантазија. Против што би било насочено ова средство, односно од што би заштитувало?
Еве неколку индикации што ги сметам за најчести, како можна помош за неговите составувачи. Тој лек би го користеле сегашните просечни, па дури и потпросечни припадници на оваа професија без професија, во која обврските и одговорноста сегашнава елита на целава планета ги става најмалку на второ место: доказите би одзеле цели два броја на „Утрински весник“. Но, исто така, би биле опфатени и припадниците на таканаречените втори и трети ешалони, односно подлизурковците со гумен ’рбет, луѓе чиј став исклучително се совпаѓа со оној на шефот. Кон што треба да се насочи тој засега имагинарен лек? Секако, треба да помогне за развој на менталниот капацитет - ова особено го нагласувам - да ги оттргнува од замислата дека тие се „оние дадени еднаш за секогаш“ (гробиштата се полни со такви); од кои се' зависи (за жал, сега е така) без да слушнат што мислат и барем малку поумни од нив; да ги спречува да влегуваат во финансиски афери за лично збогатување (сексуалните од типот Профјумо, Левински или поновите излети на Берлускони, не ги земам предвид, па и тие имаат желби да скршнат од бракот што треба да трае „додека смртта не не' раздели“); да се излекуваат од синдромот лепливи прсти; да градат од себе вистински демократски ликови подготвени на отворен дијалог, а да ја елиминираат омразата кон политичкиот противник; да бидат толерантни; да ја исклучат манипулацијата како средство за одржување на власт; да ставаат повремено и точка кога ги соопштуваат своите мисли и исклучително избегнуваат ветувања што немаат никаква врска со реалноста...
Мене не ми паѓа на ум кои измислени состојки или природни тревки би требало да ги содржи оваа супстанција, тоа е работа на експерти. Притоа многу е важно да нема контраиндикации, зашто се' би се вратило како што е сега, а лекот секојдневно да се прима се' додека трае мандатот. Од моментот кога би бил составен, а потоа применет и докажан кај политичарите - убеден сум во успех - потоа би бил пуштен во масовна употреба за дезомбизација на плебсот. За да му се помогне да мисли со своја глава и да не ги прима политичките и политикантските вербални еквилибристики здраво за готово. Светот би изгледал значително поинаку, фармацевтските фирми би имале незамисливо голем профит, ама нека! Ќе биде заслужено.
Зошто во насловот на овој текст и балван?
Идејата е полуоригинална и нема никаква врска со балван-револуциите од некои балкански простори. Туку, неодамна разбрав дека италијанските спортски новинари секоја година избираат најлош фудбалер. Оној што ќе ја освои оваа титула добива награда што носи име „Златна канта“. Мојот предлог до колегите политички новинари е да се востанови награда за најлош политичар на годината. На избраниот би му била доделена награда што би можела да се нарече „Златен балван“. Бидејќи бројот такви, барем според мене, е поголем, би можело, како за „Оскар“, да се номинираат шестмина и да се доделат три награди: „Златен балван со сребрени зраци“ за носителот на главната машка улога, потоа „Златен балван со дијамантска глава“ за женската и само „Златен балван“ за најдобра споредна улога во политичкиот живот во земјава. Одлуката би се носела со тајно гласање, а добитниците би се определувале со мнозинство гласови. Чиста демократија. Секако, се' би се одвивало пред ТВ-камерите, а која телевизија би ги добила ексклузивните права за пренос нека определи Советот за радиодифузија. „Пофални зборови“ за секоја награда би упатувале тројца од главните уредници на информативните гласила (ќе се договорат меѓу себе, ако можат), што би значело да и' објаснат на публиката зошто некој добива една од наградите. Баш би сакал да ги слушнам образложенијата и да видам како ќе реагираат номинираните и лауреатите. Што мислите вие?
(Авторот е новинар) |