Груевски утре ќе го посети Тарчуловски
Законот за употреба на јазиците е во согласност со Уставот, Охридскиот договор и принципите за кои се залагаше ВМРО-ДПМНЕ, изјави вчера премиерот Никола Груевски. „ Законот е донесен по долги преговори и работа на работните групи, по што се дојде до решение кое е во согласност со Уставот, Охридскиот договор и согласно принципите за кои се залагавме целиот изминат период. Задоволен сум што се донесе ваков квалитетен закон на задоволство на сите кои работевме во работните групи и го договаравме и кој ги задоволува европските стандарди“, рече Груевски по посетата на Соборниот храм „Св. Климент Охридски“, одговарајќи на новинарски прашања.
Во однос на завчерашната средба во Скопје со помошник- државен секретар на САД, Кристофер Хил, Груевски истакна дека имале корисни разговори на повеќе теми. „Го запознав со нашата работа, нашата програма и намерите за понатаму. Тој е голем пријател и поддржувач на Македонија и добро е да е во тек со сите нешта што ги работиме, затоа што не се знае кога може да помогне во некоја ситуација. Тој е на многу висока позиција во администрацијата на Америка долги години наназад, веројатно и во иднина ќе биде“, рече Груевски.
Тој најави дека заминува во Салцбург на традиционалната средба на премиерите од ЈИЕ, која секоја година ја организира австрискиот премиер, од каде што во вторник ќе отпатува во Хаг за да го посети Јохан Тарчуловски во затворот во Шевенинген. „ Сакам да ја изразам уште еднаш нашата поддршка за него, да поразговарам подолго и да се договориме за тоа како и на кој начин, со кои чекори во наредниот период и јас лично и Владата можеме да помогнеме за Јохан уште еднаш да се обиде да ја докаже својата вистина и да дојдеме до правдата во жалбената постапка.Владата, додаде Груевски, ќе стори се' што е во нејзина моќ од материјален аспект да ја помогне неговата одбрана.
Тој потврди дека писмото со одговор од претседателот на Европската комисија, Жозе Мануел Баросо, пристигнало во петокот и најави дека дополнително ќе го даде неговиот коментар. (П.Р.) |