Подобро конфузија со шест судии отколку камери
Откако отпадна идејата за висока технологија во фудбалот, падна одлука за плус двајца судии
Денес низ европските фудбалски тревнци ќе ја видиме револуционерната новина. Натпреварите на Европската лига ќе ги судат шест судии! Идејата за воведување судии сместени зад голот прв пат е спомената минатата година на состанокот на ФИФА во Шкотска, и тоа откако се реши да се откаже експериментот со воведување на висока технологија во правилата на фудбалската лига. „Имаме 260 милиони луѓе кои директно учествуваат во фудбалот и мораме да ги одржиме едноставните правила на игра. Грешки секогаш ќе има“, изјави Сеп Блатер, претседателот на ФИФА, додека главниот секретар Џером Валке објави дека се прекинува со воведување камери кои ќе ја контролираат гол-линијата. Подобро е да уфрлиме уште двајца судии“, заклучи Валке.
Нивна задача ќе биде да го откриваат тоа што нема да го види главниот судија. И додека идејата е прифатлива за народот, меѓу судиската струка постои и одреден сомнеж. Официјално сите судии се за кога станува збор за регулативата на УЕФА, односно „светото писмо“, кое подразбира обврска на „молчење“ или барем дипломатија. Но, истовремено ги загрижува фактот што сега шест судии ќе мораат да имаат ист критериум.
Пластично објаснето, и до сега едниот линиски судија „подобро гледаше“ од другиот, побрзо и почесто сигнализираше офсајд. Судиите се прашуваат како ќе изгледаат сега „судиските уверувања“ во едниот, односно во другиот шеснаесетник. На главниот ќе остане да повлече линија, но сугестиите од 5 и 6 судија ќе бидат многу важни во донесувањето на конечната одлука.
Сите судии ќе бидат во аудио врска, 5 и 6 ќе имаат обврска да кажат се' што виделе во својот простор, било да станува збор за симулирање, прекршок. Последната одлука е на главниот судија, но 5 и 6 судија не се воведени за да молчат, тие активно ќе учествуваат и ќе даваат свои мислења.
Виери го Тужи Интер,
бара 21 милион евра
Новопечениот покераш го тужи својот бивш клуб и италијанскиот Телеком поради кршење на приватноста
Кристијан Виери (36) по пропаднатите обиди да пронајде нов ангажман, реши да се ослободи од копачките и да му се посвети на покерот (неодамна се појави на турнир во Њујорк), а во својата богата фудбалска кариера за Интер настапуваше меѓу 2000 и 2006 година постигнувајќи 100 гола во 144 натпревари.
На популарниот Бобо престојот во Милано, сепак, ќе му остане во лоши спомени затоа што, според негови тврдења, сопственикот на клубот Масимо Морати ангажирал приватни детективи да го следат и редовно да го информираат за неговото движење. Виери тврди дека Морати ги прислушувал неговите телефонски разговори, поради што многу се налути на Телеком, а поради кршење на правата на приватноста, бившиот италијански репрезентативец бара отштета од 21 милион евра.
Како што пренесуваат италијанските медиуми, првото сослушување врзано за овој случај е закажано за 22 октомври. |