09.09.2012, 18:10 Писма - Нeзаборав за Стив Наумов
Димитар Бошков, Скопје
Во јули оваа година се навршија 70 години од погубувањето на првоборецот и командант на битолскиот партизански одред Ѓорѓи Наумов во скопскиот затвор, а на 12 септември се навршуваат 70 години од саможртвувањето на неговиот брат, народниот херој Стив Наумов и неговиот соборец народниот херој Мите Богоевски. Имаа по дваесетина години кога со своите животи ја втемелија денешна Македонија. И наместо почит и благодарност, „големите Македонци“ токму на оваа годишнина го сменија името на улицата „Стив Наумов“ во Скопје. На 11 јуни, неколку дена пред седницата им го испратив на градоначалникот на град Скопје и на претседателот на Советот следното писмо (копија му испратив и на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ):
„Почитувани,
Верувам, познато ви е дека оваа година се навршуваат 70 години од загинувањето на народниот херој Стефан Наумов-Стив и на неговиот брат првоборецот Ѓорѓи Наумов. Во таа 1942 година, тие ги дадоа своите млади животи за својата Македонија и за слободата на својот народ. А има ли нешто повеќе да се даде одошто својот живот?
И денес, наместо да се чествува таа годишнина, вие и вашите советници имате намера да го промените името на улицата именувана по народниот херој Стив Наумов! Ќе се случи ли уште едно предавство врз нив?!
Првото предавство се случи во 1939 година кога Стив, како студент со напредни идеи за Македонија, беше затворен во Белград, испитуван и мачен од полициски агент (по потекло од Тетово), кој тепајќи го му велел дека нема Македонија, туку тоа е Јужна Србија - Вардарска бановина.
Второто предавство беше на 1 мај 1942 година кога, по поткажување од кодоши, бугарските фашисти ги заробија Ѓорѓи Наумов и неговите соборци кај селото Лавци, Битолско.
Третото предавство се случи со молчењето на оние што знаеја дека Бугарите се поткупливи и дека со поткуп човек барем ќе се спаси од егзекуција - така барем некои се спасија (Л.К., М.Н. ), но ќутеа и Ѓорѓи беше обесен во јули 1942 во скопскиот затвор.
Четвртото предавство се случи во септември 1942 година кај селото Болно, Ресенско. Предадени, гонети и опколени од бугарската фашистичка војска, си ги одзедоа животите двајцата соборци Стив Наумов и Мите Богоевски. Неколку дена потоа беа пак предадени, сега и мртви, за да бидат презакопани на непозната локација до денес, бидејќи македонскиот народ во почит и слава се собираше на нивните гробови.
По ослободувањето и формирањето на државата Македонија, им беа оддадени признанија, им беа доделени ордени, по нив беа именувани училишта, студентски домови, фабрики, здруженија и улици.
Но, благодарноста за жртвите во македонската историја кај некои е со краток рок, па потоа надвладуваат некои други интереси. И почнуваат нови предавства, овој пат посмртно. Ама за разлика отпорано, кога за предавниците немаше докази, сега предавниците се знаат. Така во 1970-тите години фабричкото раководство, со знаење на општинскиот и републичкиот врв, го смени името на фабриката „Ѓорѓи Наумов“ од Битола во „Раде Кончар“, а потоа во „Зануси“.
Се надевам дека нема да дозволите да се смени улицата „Стив Наумов“ и да се случи уште едно предавство врз нив, а вие како раководни луѓе да бидете дел од тоа.
И покрај моето предупредување и многуте протести, јавни и во вашиот весник, се случи уште едно предавство, во кое самите одбраа да бидат учесници.
Не знам, можеби нема да запрат тука. Ја нема веќе касарната „Стив Наумов“. Остануваат Студентскиот дом, основните училишта, улица во Битола кои можат да ги преименуваат во некој антички воин, војвода, балист или припадник на ОНА. Што и да се случи, никој не може да го избрише нивното место во историјата на Македонија, ниту може да спречи тие да останат пример за младите поколенија.
Дали на 12 септември ќе има чествување - не знам, но ние што одиме секоја година ќе одиме и годинава да однесеме цвеќе и да се поклониме на гробот на Ѓорѓи и на спомен-обележјата на местата каде што се жртвуваа Стив и Мите (тие немаат гробови), па дури и ако треба да ги расчистиме патчињата и местата околу тие обележја, бидејќи веќе неколку години никој друг не го прави тоа.
|