07.03.2012, 17:51 Македонец во далматинско „мало мисто“
Крушевчанецот Иса Броња, кој се соочи со депортација од Хрватска, раскажува зошто заминал од земјава
Горан Адамовски
„Го фатив автобусот за Сплит и заминав. Никој не ме чекаше, се обидов да си ја пробам среќата, оти во Македонија немаше среќа за мене“. Вака крушевчанецот Иса Броња (45) ја почнува својата приказна за која се интересираа и хрватските весници. Тој се прослави таму откако по 15 години минати без документи во местото Дуги Рат кај Сплит, се соочи со депортација во Македонија. Но, неговите сограѓани, кои го опишуваат Иса како највреден и најомилен лик во нивното „мало мисто“, не се помируваа со одлуката на судот, потпишуваа петиција и ја дигнаа Далмација на нозе. Епилог: надлежните го помилуваа и му дадоа рок од 30 дена да ги обезбеди документите за легален престој во Хрватска.
Случајот со Иса Броња објавен во „Слободна Далмација“, вчера го пренесовме и во нашиот весник. Со помош на сплитските колеги, стапивме во телефонски контакт со новиот херој на Далмација.
Срамежливо се заблагодарува што и новинари од Македонија му посветуваат внимание, иако „не сум јас личност за која вреди да се пишува“. Го прашуваме на кој јазик сака да зборуваме. „На македонски, па се' уште не сум го заборавил мајчиниот јазик“, вели тој. Хрватскиот акцент е забележлив веднаш, што е нормално, имајќи предвид дека од 1997 година нема никаков контакт со Македонија.
„Заминав од Крушево, немав работа, се разведов од жената, седнав во автобус и заминав во Хрватска. Без документи, со малку пари, не ме чекаше никој, ама ризикував“, објаснува Броња. Во Крушево го оставил татка си, браќата и сестрите. „Зафркнав работа“, понизно кажува крушевчанецот.
Заминал во Дуги Рат. Со својата чесност и труд, ги придобил симпатиите на своите нови сограѓани. Живеел кај нив, работел градежни работи, не му било мака да сработи ништо.
„Сите го знаат Иса, тоа е човек каков што нема во крајов: чесен, мирен, работлив, повлечен...“, велат жителите на Дуги Рат.
Никогаш не побарал документи од хрватската држава бидејќи стравувал оти ќе биде депортиран. Но, пред два месеци случајно бил запрен од сообраќајна полиција. Надлежните пресудиле да биде прогонет во Македонија и да му се забрани враќање во Хрватска. Во Дуги Рат настана паника. Веднаш се организираше петиција, се молеше надлежните да замижат на едно око и да му дадат уште малку рок да ги собере потребните документи.
„Ако Иса навистина го депортираат од земјава, што ми е тешко да замислам, тогаш ќе биде уште еден доказ во какво општество се претворивме. Општество во кое си човек само ако имаш пари, со нив можеш се' да купиш, па и документи за постојан престој. Ако Иса направил прекршок, тогаш и ние сме виновни што со години му дававме работа и беше наш потстанар“, се бунеа жителите на Дуги Рат.
Хрватска сега му даде уште една шанса на Иса. Ги собира потребните документи за да почне нов живот во неговата втора татковина. |