Филмовите „Жед“ и „Самоуништување“ во Кинотека
Денеска во Кинотеката на Македонија во рамките на циклусот „Пред актерот - простум“ ќе се прикажат два филма. Првиот е краткиот документарен филм посветен на големиот македонски актер Драги Костовски, кој оствари извонредни улоги, но прерано се соочи со неизлечливата болест. Во филмот „Врати на бескрајот“ на Владимир Блажевски од 1982 година Драги Костовски зборува за своите искушенија и за соочувањето со смртта. Веднаш по него публиката ќе може да го види третиот игран филм на режисерот Димитрие Османли „Жед“ од 1971 година, кој е направен според сценариото на големиот македонски писател Живко Чинго. Во него извонредни улоги остваруваат: Сабина Ајрула, Снежана Стамеска, Неда Спасоевиќ, Дарко Дамески, Коле Ангеловски, Нада Гешоска, Ацо Јовановски, Драги Костовски, Петре Прличко и други.
Утре ќе се прикаже еден од поновите филмови кој оствари голема гледаност, „Самоуништување“, направен по текстот на Сашко Насев, а во режија на Ербил Алтанај, кој во 1996 година и' се наметна на младата публика, и покрај недостатоците успеа да донесе одредена атмосфера и да се препознае во духот на времето. Улогите ги толкуваат: Јовица Михајловски, Катерина Коцевска, Оливер Митковски... Филмските проекции се во 20 часот, а влезот во киносалата на Кинотеката е бесплатен. (С.У.) |