Политичкиот врв заборави на Кочо Рацин
Дистанцирањето на државно-политичкиот врв, според Гане Тодоровски, е неодговорност пред сопствената историја
Невена Поповска
Во Македонската академија на науките и уметностите, вчера се одржа свеченост со која се одбележа стогодишнината од раѓањето на Кочо Рацин.
„Кочо Рацин е основоположник на современата македонска книжевност и значајна фигура на поновата македонска културна историја, а неговата знаменитост е интимно и нераздвојно поврзана со малата поетска збирка „Бели мугри“, рече меѓу другото академик Катица Ќулавкова во својата поздравна реч на Свечениот собир во МАНУ, кој се одржа во присуство на бројни членови на Академијата, првиот претседател на Република Македонија, Киро Глигоров, Поглаварот на МПЦ, г.г. Стефан и претставници на културниот живот во земјава.
Евидентно беше отсуството на државно-политичкиот врв на земјава. На ваквата состојба, свое видување даде академик Гане Тодоровски. Имено, тој во својата реч под наслов „Творештво во служба на македонската кауза“, или „Искрата што го разгоре македонското разденување“, меѓу другото и подвлече: „Рацин е личност со необична биографија-раритетна и драгоцена и во македонската културно-политичка традиција типолошки вместена помеѓу ингениозните наши автодидакти од сојот на Пејчиновиќ, Џинот, Пулески, Цепенков и др., а токму тоа кажува дека во неговиот неповторлив пример препознаваме финале на една епоха во која личен печат втиснувале избраниците на народната низина, оние „луѓе со ѕвезда на чело“ за кои во свое време Блаже Конески изнапиша восхитувачки, полни и проникливи и впечатливи есеи и стихови. Ним Рацин им е резиме. Рацин прегрна трагика на мистериозен животен крај, продолжи Тодоровски, дочекувајќи проклетство на безгробник, па, оттука и демонстрираната одбојност кон неговиот јубилеј на стогодишник од страна на државно-��олитичкиот врв со кој став се фрла сенка врз подвиг на ВКВ-Македонец, став што некои послободни умови во нашиот културно-политички простор фигуративно го нарекоа трето Рациново ликвидирање. Живееме во време на речиси пословична вознемиреност, една од многуте што не тревожат во овој миг, кога евидентно и подеднакво се загрозени трите облика на нашата историска егзистенција-минатото, сегашноста и иднината. Повеќето од нас веруваат во сериозноста на оваа угроза, па, ете, како еден од тие и такви многумина доброволци во фалангата на македонизмот, а во настојбата во Рациновиот стогодишен јубилеј да вложам скромна лента на едно дозволено толкување, произлегува дека јас, сакал-нејќел, говорам едно свое, прличевски наречено „слово горко-слово жалосно“... оти, неприсуството или отсуството, воздржаноста или дистанцата, сеедно каква формулација ќе одбереме, се тоа не звучи поинаку освен како недоволна почит или неодговорност пред сопствената историја. Си го дозволувам правото да го наречам колосалниот минус на грдиот премолк на првото и амблемско име на новата македонска литература како колективна вина, за да можам да изустам мисла потешка од самообвина и пожестока од самоосуда, имено, дека: до колку не располагаме со доволно сили да ги препознаеме кристално-јасните и ефикасно разјаснети големи вредности, особено од нашето поблиско минато, со копнежите, врвежите и стремежите кон посложени прерогативи на утрешнината, тие и понатаму ќе ни останат проблематични!“
Поетската реч на Рацин е актуелна и денес, потресна и прекрасна во својата уметничка форма, затоа што во неа се препознаваат основните колективни трауми на македонскиот народ! Времето одминува, судбината се повторува! Рацин е роден на ден кога навистина денот почнува да се зголемува, кога светлината надоаѓа, па не е случајно што неговата најзначајна книга се вика токму „Бели мугри“. Претседателот на МАНУ, академик Георги Старделов, во својата беседа се осврна на Рациновото столетие и притоа истакна: „Еве, одминуваат 100 години од раѓањето на Кочо Рацин и веќе во 2009 година ќе минат 70 години од појавата на „Бели мугри“, а тоа Рациново столетие трае и како да ни се случувало секоја ден, како сето тоа да било вчера, толку имено Рацин засекогаш останува во нас без никогаш да засенува неговата песна. Напротив. Колку повеќе одминува времето толку повеќе расте таа, песната Рацинова во првиот ни век, извишувајќи се како златоврв на нашата поезија“.
Според академик Матеја Матевски, „гледано од оваа денешна дистанца, на стоте години од Рациновото раѓање и на 70-та година во која веќе стапуваат неговите „Бели мугри“, можеме уште еднаш да ги потврдиме зборовите на Блаже Конески, која на нему својствениот виспрен и елиптичен начин на поет и научник го означи Рацина како прв наш голем поет и родоначалник и како „... најиздигнат народен интелектуалец од неговото време, најкултурен наш човек“. |