Браун во очај пред денот на гласањето
Лабуристите им понудија коалиција на либералдемократите за да се запрат ториевците
Од нашиот дописник Томислав Ивановски
ЛОНДОН - Лабуристите на премиерот Гордон Браун прв пат и официјално им понудија коалицирање на либералдемократите за да се спречи, како што велат, победата на конзервативците на Дејвид Камерон. Министерот за Велс, Питер Хеин, објасни дека понудата за четиригодишно „партнерство“ до партијата на Ник Клег има за цел да се оневозможат ториевците да ги добијат оние изборни единици што сега ги имаат лабуристите, но со мало мнозинство од претходните избори во 2005 година, за кое не се сигурни дека ќе може да го задржат. Лабуристите затоа предлагаат приврзаниците на либералдемократите да не се премислуваат и да гласаат за својата партија, таму каде што партијата на Браун не може да победи, не давајќи им на тој начин можност на ториевците да ја искористат ситуацијата со намалување на рејтингот на се' уште владејачките лабуристи, ниту со еланот со кој се зафатени либералдемократите.
„Дејли мирор“, целосно наклонет кон лабуристите, се појави со насловна страница на која е пречкртано лицето на Камерон и со повик (до либералдемократите) да помогнат да се спречи тој да влезе во Даунинг стрит 10. Овој весник, уште пред да дојде ваквата понуда, официјално, од двајца министри во владата на Браун, ги објавува локациите на седумдесетина „критични места“ на кои, како што смета, ќе се одлучува победникот на изборите од 6 мај. Високи функционери на Лабуристичката партија изјавиле за телевизија Скај дека сега веќе не станува збор за победа на лабуристите, туку за тоа како да се оневозможи победа на Конзервативната партија. Либералдемократите се правдаат дека се' уште е рано пред гласањето да се зборува за коалицирање, а нивниот лидер Ник Клег, кој од пред три недели стана клучниот играч во годинешнава изборна трка, и натаму тврди дека тој е отворен за соработка со секого.
Неговата внимателност може да се објасни со другиот дел од понудата на министерот Хеин, во која тој инсистира дека лабуристите, како и да се свртат работите, е позначајниот партнер при евентуалното коалицирање по изборите, па во тој случај тие би требало и натаму да го задржат премиерското место за себе, што значи за актуелниот премиер Браун. Клег претходно ги натера лабуристите да го обвинат за „ароганција“, кога тој во едно интервју порача дека лабуристите не би требало да сметаат на задржување на премиерската позиција, ако на крајот останат треторангирана партија. Во самиот финиш на изборната трка, кога е очигледно дека ториевците ја одржуваат и благо ја зголемуваат својата (се' уште) недоволна предност самите да создадат влада, лабуристите ги прават последните обиди да не отидат во опозиција по 13 години на власт, дури и да ги загубат изборите. „Понудата за тактичко гласање е насочено против конзервативците, но има единствена цел Гордон Браун и како губитник и без мандат од луѓето, да остане и натаму британски премиер“, изјави лидерот на торивците, Камерон, коментирајќи го „непристојниот предлог“ на лабуристите до помалата опозициска партија.
Последното мерење на рејтингот на партиите пред гласањето в четврток покажува дека гласачите се' уште се поделени кому да му ја дадат наклонетоста и засега ја одржуваат перспективата за немнозински парламент, во кој ќе мора да се прават коалиции за да се дојде до влада. Повеќето од анкетите откриваат дека се зголемила разликата меѓу ториевците и лабуристите во полза на опозициската партија, што значи дека Камерон би можел да ја има предноста тој да бара партнер за правење влада. Нему наклонетиот „Дејли телеграф“, инсистира дека работите не се завршени и дека Камерон има кусок од само 14 пратенички места за да дојде до апсолутно мнозинство, односно да ја надмине мининимално потребната граница од 326 пратеници, а дека личниот рејтинг на Камерон во изминатите седум дена се зголемил за цели 10 отсто. На два дена пред изборите тој и натаму зборува за „чиста“ победа на неговата партија и за „силна еднопартиска влада“.
Понудата за „тактично гласање“ што ја испорачаа двајца министри, лојални на Браун, доаѓа по обвинувањето на лабуристичкиот кандидат за пратеник Манис Суд во изборната единица северозападен Нофолк, кој го нарече својот лидер „најлошиот премиер во политичката историја на Британија“. Поучен од брзоплетите изјави, како во случајот со гафот со пензионерката од Рокдејл, Браун не реагираше на оваа крајно невообичаена критика од еден „негов човек“ на 48 часа пред гласањето, но претставник на партијата го нарече Суд „одметнат“ од лабуристите, чие мислење не го делат другите лабуристи. Браун не се вклучи директно и во елаборација на понудата за коалицирање со лабуристите, без разлика што таа не е дадена без негова согласност. Наместо тоа, тој продолжи да ги плаши Британците со ториевците и да ги предупредува дека доколку не гласаат за него, Британија ќе се врати во „мрачните години“ на тачеризмот и во „економска и социјална катастрофа“, не споменувајќи сега веќе ништо за огромниот јавен долг за кој сите економски експерти велат дека мора да почне уште веднаш да се намалува.
Спротивно на Браун, секогаш внимателниот „Фајненшл тајмс“, кој обично целосно не се определува за никого на британските избори, во денешниот редакциски коментар пишува дека на Велика Британија повторно и' е потребна една нова Маргарет Тачер, затоа што земјата е „во слична ситуација како и на крајот од седумдесеттите години на 20 век“. Ако се земе предвид дека сите три партии се залагаат за промени, тогаш промените што ги нудат конзервативците на Камерон за реформирање на економијата, фискалната политика, за реформирање на образованието, за унапредување на инфраструктура и за намалување на преголемиот државен апарат, се најприфатливи, и покрај нивниот загрижувачки евроскептицизам, констатира овој угледен лондонски весник. По многу години, „Фајненшл тајмс“ отворено застанува со својата поддршка зад Конзервативната партија, што овде се оценува како нов удар врз Гордон Браун откако претходно од поддршката за него се откажаа неделникот „Економист“ и весникот „Тајмс“, како и нему и на лабуристите дотогаш наклонетите „Гардијан“ и „Обсервер“. |