Средношколците непожелни во интернатот во Штип
ШТИП - Шеесетина средношколци од Малешевијата и од делчевскиот крај, кои во Штип се школуваат на насоки кои во нивните места на живеење не постојат, веќе трет ден се во перманентен бунт против одлуката на раководството на интернатот да им го откаже гостопримството. Тие се поддржани од своите родители кои допатуваа во Штип, барајќи објаснувања за голготата на своите деца.
„Ова нема никаква смисла. Децата ги пративме да учат во Штип, бидејќи им беше гарантирано интернатско сместување со цени кои можевме да ги поднесеме. Сега, кога Владата донесе Закон за средно образование со бесплатно интернатско сместување, децата се непожелни во интернатот. Тоа е апсурд. Мојата ќерка е трета година во средно училиште во овој град и сега не знаеме што да правиме. Ако децата не останат во интернатот. сите заедно, родители и ученици, ќе одиме пред Министерството за образование“, ни рече родител од Делчево.
Од управата на оваа сместувачка институција не даваат изјави за новинари. Но, на родителите им било речено дека од пред две години интернатот бил пререгистриран во студентски дом и дека таму ќе биле сместувани студенти на универзитетот „Гоце Делчев“. Како ќе се одвиваат работите во иднина тешко е да се каже. Судејќи според се', средношколците дојденци во Штип од околните места ќе ја изгубат битката за домско сместување. Тие ќе мора да побараат решение со најмување станови чии станарини, откако се отвори Универзитетот во овој град, станаа мошне високи. На родителите немаше кој да им објасни како, во ваков случај, ќе се испочитува проектот на Владата за задолжително средно образовани, а со кој сместувањето на средношколците кои учат надвор од родните места е бесплатно. (И.Б.) |