Белгија останува без влада
Фламанските сепаратисти што бараат децентрализација го кочат процесот
БРИСЕЛ - Долготрајната политичка криза во Белгија се продлабочи во кога сепаратистичката фламанска партија во четвртокот го отфрли новиот план за повторно започнување на владините коалициски преговори. Имаше големи очекувања дека изложениот предлог на 110 страници, доставен во понеделникот од социјалистот Елио Ди Рупо би можел да биде основа за понатамошни преговори, со оглед на тоа дека Белгија поминува околу 400 дена без влада.
Се чинеше дека планот претставува суштински начин за исполнување на барањата на фламанските сепаратисти, партијата Н-ВА - најголемите победници на изборите минатата година - за поголема фискална автоном��ја, институциски промени и децентрализација на власта.
Сепак, претседателот на Н-ВА, Барт де Вевер го отфрли предлогот. „За жал, по внимателно исчитување на забелешките, техничката анализа од нашиот персонал и од надворешна експертиза, Н-ВА реши дека предлогот не е добра основа за започнување на преговори“, изјави тој. Потоа, остро го критикуваше, како што го нарече, „цунамито од нови даноци“, предложено од Ди Рупо, и фактот дека нема предложени ограничувања за бенефициите за невработеност.
Предлозите за решение на горкиот проблем за изборен округ околу Брисел - се наоѓа во Фландрија, но главно е населен од луѓе кои го зборуваат францускиот јазик - исто така, е со преголема цена - смета Де Вевер. Тој забележа дека предлозите за финансирање на региони и локални заедници не е никаква сигурност за каква било автономија, додека други предложени институциски промени не носат „ништо ново“.
Де Вевер додаде дека тој е отворен за формирање на коалиција со сите партии кои зборуваат француски, и некои кои зборуваат холандски во полза на повторно започнување на разговорите. Белгија е поделена на побогатиот регион Фландрија, на север, каде што се зборува холандски и сака поголема моќ за локалните заедници, и регионот Валонија, каде што се зборува француски и е зависен од субвенции, а стравува дека децентрализацијата ќе значи економски загуби.
Постизборните разговори се фокусирани на три прашања - иднината на франкофонските населби во Брисел, што се наоѓаат во Фландрија каде што се зборува холандски (ова прашање предизвика паѓање на последната влада во април 2010 година), нов федерален закон за финансирање и рефинансирање на главниот град на земјата, Брисел. Развлечените коалициски разговори не се ништо ново во земјата со 10 милиони жители, каде што нема национална изборна единица туку само регионални. Сепак, времетраењето и кревкиот карактер на актуелните преговори го наметнуваат прашањето дали останаа некакви опции.
„Без сожалување“ е насловот за Де Вевер на веб страницата на дневниот весник „Де стандард“ на фламански јазик. „Белгиската системска криза продолжува. Никој не гледа излез“. (ЕУ обзервер) |