Во градот на текстилот најмал интерес за текстилното училиште

За 170 места во средното текстилно училиште, се јавиле само 47 ученици
Иван Бојаџиски
ШТИП - Завршените осмоодделенци од Штип најмал интерес годинава пројавија за запишување со средното текстилно училиште. Тоа е нов парадокс: во родното место на македонскиот текстил најмал интерес има токму за текстилната струка. Младите штипјани својата перспектива најмалку ја гледаат во текстилот.
Средното текстилно училиште „Димитар Мирасчиев“ годинава распиша конкурс за прием на 170 ученици за три профили, но се јавија само 47 лица. Така, наместо планираните пет паралелки, прашање е дали ќе може да се оформат и само две.
„И нам не ни е јасна оваа состојба. Во Штип, по завршување на средно училиште, под услов да не се продолжи на факултет, работа може да се најде само во бројните претпријатија за производство на текстил. Иако се говори за светска економска криза, факт е дека кај нас секојдневно, на локалните медиуми, се вртат огласи за прием на стотина работници во штипските конфекции. Тоа говори дека и понатаму има работа за завршените текстилци во Штип“, вели Анита Монев, директорка на текстилното училиште.
Своевремено Општината имаше изработено студија за потребите од работна сила на локално ниво. Студијата покажа дека најголема потреба од квалификувани работници (ќе) имаат токму текстилните капацитети. Директорката Монев вели дека токму по барање на менаџерите на конфекциите, времетраењето на практичната настава пред пет години било зголемено за една година.
„Порано, со практична настава започнувавме од трета година. Сега нашите ученици одат на практична настава веќе од втората година на школување. Сето тоа го направивме по барање на сопствениците на конфекциите. Тие сметаат дека за нашите ученици е добредојдена практична настава која ја изведуваме во нашите работилници, но и во фабриките во градот“, потенцира Анита Монев.
Во Штип како неприродна појава се толкува тоа што на Универзитетот „Гоце Делчев“, меѓу тринаесетте факултети и педесетината студиски програми, досега немаше место за изучување на текстилот. Дури од оваа студиска година на Технолошко-техничкиот факултет во Пробиштип ќе се запишуваат студенти кои ќе изучуваат модна креација, текстилни влакна, основи на дизајнот во текстилот, историја на облеката и текстилен отпад. Сето ова, како и фактот дека на младите им се отвораат перспективи по завршувањето на средното техничко училиште да продолжат на факултет не беа примамливи понуди за да се запишат во средното текстилно училиште.
„Ако не успеам на информатика, и со средно, и без средно конфекцијата не ми бега“, вака резонира Тоше Апостолов, кој се запишал во ЕМУЦ „Никола Нехтенин“, на одделот за информатика. Прво ги однел документите за текстилното училиште, но се премислил.
Владо Нетков, претседател на кластерот за текстил, ја изразува загриженоста од таквиот расплет на настаните. „Штип уште долго ќе биде град на текстилот. Тешко е преку ноќ да се промени стопанската структура на која се потпира со децении. Тоа што младите не сакаат да го изучуваат текстилот е лоша вест и јасен сигнал дека во иднина ќе останеме без извор на квалитетна и квалификувана работна сила. Тоа не е добро за Штип, кој и натаму својата среќа ќе ја бара токму во текстилот“, вели Нетков. |