Матичните гинеколози незаконски наплаќаат за првиот ПАП-тест
Жените се жалат дека матичните гинеколози им го наплаќаат прегледот, и тоа по 600 денари
Јасмина Јовановска
Матичните гинеколози незаконски им наплаќаат на жените за првиот ПАП-тест. Иако според законската регулатива првиот ПАП-тест во годината кај матичните гинеколози треба да е бесплатен, жените се жалат дека овој преглед матичните гинеколози им го наплаќаат и тоа по 600 денари. Оваа незаконска практика посебно е изразена кај матичните гинеколози-концесионери, кои работат во ординации во приватна сопственост. На нивните ординации пишува дека работат со Фондот за здравствено осигурување, а кога ќе излезеш од кај нив, се жалат пациентки, се наплаќа од 600 до 1.000 денари. Матичните гинеколози се правдаат дека ПАП-тестовите ги наплаќаат зашто и тие на цитолошката лабораторија на Клиниката за гинекологија и' плаќаат за испитување на овие тестови. Од Фондот за здравствено осигурување, пак, велат дека матичните гинеколози не смеат да наплаќаат за ПАП-тестовите. Тие или се бесплатни ако е прв во годината или партиципацијата е 60 денари. За ваквите неправилности најавуваат контрола кај матичните гинеколози.
„Влегов во гинеколошка ординација каде што јасно беше истакнато дека работат со сини картони, со што сметав дека ПАП-тестот ќе биде бесплатен. Но, откако гинекологот ми зеде брисеви за ПАТ-тест, тој ми наплати 600 денари, иако ова ми беше прв ПАП-тест во годината“, револтирано вели 55-годишната М.З. од населбата Јане Сандански од Скопје, која била на преглед кај гинеколог во центарот на градот. „Згора на тоа, гинекологот не ми даде ниту фискална сметка. Кога прашав зошто се наплаќа ПАП-тестот, гинекологот ми рече дека не би платила за овој преглед доколку епруветите со земените брисеви од матката сама ги однесам на испитување на Клиниката за гинекологија“, додава М.З..
Друга пациентка, која била на преглед во реномирана приватна поликлиника, пак, вели дека нејзиниот матичниот гинеколог, иако работи со сини картони, и' наплатил дури 1.000 денари за гинеколошкиот преглед. Нејзе матичниот гинеколог и' рекол дека ако сама си ги однесе брисевите на испитување на Клиниката за гинекологија, нема ништо да ја чини, а ако лекарот ги носи брисевите, тогаш чини 600 денари, зашто Клиниката му наплаќа за читање на тестовите.
Во Фондот за здравствено осигурување најавуваат контрола за ваквото незаконско работење на некои матични гинеколози. Во Фондот веќе се пожалиле пациентки за незаконско наплаќање на ПАТ-тестот, посебно од одредени гинеколози од приватни ординации. „За ПАП-тестот одредивме референтна цена од 600 денари. Најмногу што треба да им наплатат матичните гинеколози на пациентките ако по втор, трет пат прават ПАП-тест, тоа е 60 денари партиципација. Секоја друга наплата е незаконска“, објаснуваат од Фондот и најавуваат казни.
И на Клиниката за гинекологија велат дека првиот ПАП-тест не го наплаќаат. „Без разлика кој ќе ги донесе брисевите, пациентката или матичниот гинеколог, првиот ПАП-тест е бесплатен. Но, за тоа треба да се има целосна документација и потпис и печат од матичен гинеколог. За другите се наплаќаат по 250 денари“, тврди в.д. директорката на Клиниката за гинекологија Адела Стефанија и додава дека матичните гинеколози не требаа да наплаќаат за ПАП-тестовите. |