Број 3468  вторник, 28 декември 2010
прва страница Архива контакт редакција маркетинг претплата
Втора страница
На прво место
Политика
Македонија
Економија
Хроника
Едиторијал
Мислења
Писма
Свет
Култура
Спорт
Скопје
Забава
Некролог
Хороскоп
Што прават денеска
Фељтон








Site Meter
Култура

Филмот на Теона Митевска доби поддршка од „Еуроимаж“

„Жената која ги избриша солзите“ е во копродукција со Германија, Белгија и Словенија, а во него ќе играат Лабина Митевска и Викторија Абрил

Сунчица Уневска

Новиот проект на Теона Стругар Митевска „Жената која ги избриша солзите или Човек на асфалтот“ ја доби поддршката на големиот европски филмски фонд „Еуроимаж“, на последната сесија одржана на 21 декември во Луцерн, Швајцарија. Филмот на Митевска влезе меѓу 14 копродукции зад кои застана овој значаен фонд, доделувајќи им вкупно 5,05 милиони евра. Поддршката за нашиот филм, кој веќе обезбеди копродуценти од Германија, Белгија и Словенија, изнесува 250.000 евра. А она што е интересно, е дека Митевска ја доби поддршката во навистина многу силна конкуренција. Така, меѓу поддржаните проекти се наоѓаат и новите остварувања на култниот британски автор Питер Гринавеј, на наградуваниот Михаил Ханеке од Австрија, на провокативната данска режисерка Сузан Биер, на францускиот автор Патрис Леконт или актуелниот израелски режисер Ари Фолман („Валцер со Башир“).

Инаку, станува збор за проектот на Митевска кој претходно ја доби максималната поддршка на македонскиот Филмски фонд од 500 илјади евра, но под работниот наслов „Пазар“. На почетокот овој филм, чие сценарио исто така го подготви Теона Митевска, беше најавен како проект кој содржи и научнофантастични елементи. Но, како што ни рече продуцентката Лабина Митевска, поради висината на буџетот во текот на подготовките тој претрпи одредени измени. „Жената која ги избриша солзите или Човек на асфалтот“ жанровски ќе биде драма-трилер, а неговата приказна се фокусира на судбината на две жени, од Македонија и од Франција, и односот со нивните деца. Улогите во овој филм ќе ги играат Лабина Митевска и познатата шпанска актерка Викторија Абрил, која минатата година беше ексклузивна гостинка на Фестивалот на филмската камера „Браќа Манаки“.

Буџетот на филмот изнесува 1 милион и 820 илјади евра, кој со оваа поддршка е речиси целосно обезбеден. Подготовките се пред крај, со тоа што планот е снимањето да почне во март или во април следната година. Се' уште се работи на кастингот, а што се однесува до локациите, предвидено е филмот да се снима пет недели во Македонија, во Радовиш, а две недели во Германија. Во текот на четири години ова е втора поддршка од „Еуроимаж“ за Стругар Митевска, која претходно доби поддршка за „Јас сум од Титов Велес“, додека пред неа поддршка доби и „Сенки“ на Милчо Манчевски. Малку е чудно што од сите други филмови кои во текот на изминативе две години добија поддршка од нашиот Филмски фонд, никој друг не аплицираше и не доби поддршка за продукција, иако „Еуроимаж“ има навистина голем фонд, и само во 2010 година поддржа 47 играни филма и уште девет документарни и анимирани и вложи речиси цели 20 милиони евра.

Но, тоа се однесува само на продукцијата, бидејќи кога станува збор за дистрибуцијата е сосем друга ситуација. Во оваа последна сесија за 2010 година, Македонија доби поддршка за дистрибуција за дури девет филма. Дистрибутерските куќи „Балкан филм“, „Арена филм“ и „Синестар“ добија поддршка за по два филма, а по еден добија „КТ филм и медија“, СВРСА и „Висарт медија“ иако станува збор за филмови кои претходно не биле поддржани од „Еуроимаж“. Филмот на СВРСА веќе почна да игра, а тоа е српскиот „Жена со скршен нос“ на Срѓан Колјевиќ. Од попознатите филмови „Балкан филм“ ќе го дистрибуира романскиот „Аурора“, кој беше еден од лауреатите во Кан, а „Синестар“ ќе го донесе актуелниот европски филм „Господин Никој“ на Жако Ван Дормел од Белгија, кој годинава беше и на „Браќа Манаки“ во главна конкуренција. Она што е необично е фактот дека за цела 2010 дури десет дистрибутерски куќи добиле поддршка на „Еуроимаж“ за дистрибуција во нашата земја на 33 европски филма. Дали сите сме ги виделе, тоа е прашање на кое дефинитивно треба да се одговори.

А на крајот да кажеме дека во рамките на програмата за дигитализација, „Еуроимаж“ ќе го помогне производството на дигитални копии за осум копродукции поддржани од овој фонд, меѓу кои е и „Караула“ на Рајко Грлиќ, каде и Македонија е копродуцент. Инаку, конкурсот за добивање поддршка за воведување дигитални проекции, на кој „Еуроимаж“ ќе вложи 80.000 евра за четири киносали кои се членки на „Европа синемас“, трае до 14 јануари. На него од Македонија можат да аплицираат нашите три сали кои се дел од европската мрежа: „Рамстор“, „Фросина“ и Домот на културата во Битола, се разбира, ако за тоа се подготвени.


#
Статијата е прочитана 457 пати.

Испрати коментар
Најди! во Утрински
Култура
„Митот за Сара“ се навраќа на Првата светска војна
Емир не се случува на мали растојанија
Дејан Прошев нов директор на МОБ
„Визуелизација на моментот“ на Христина Зафировска
Конкурс за „Роман на годината“ на „Утрински весник“
Премиера на велешкиот театар
Промоција на монографија за Чемерски
 

What will 2011 bring for the Western Balkans?
Last news update on WAZ.EUobserver
Croatia moves closer to concluding EU accession talks