Хокеј на ролерки зад Соборниот храм
Репрезентацијата на Македонија мораше да најде алтернатива за арената кај салата „Борис Трајковски“ што се реновира
Миодраг Мицковиќ
За првпат во историјата на македонскиот спорт нашата држава ќе има и репрезентација во хокеј на ролерки (Ин лајн) која од 2 до 4 септември ќе настапи во квалификациите за Светското првенство кое ќе се одржи во јуни идната година. Квалификациониот турнир ќе се игра во Софија. Во групата со репрезентацијата на Македонија се селекциите на Бугарија и Турција. Само победникот на турнирот ќе се здобие со право да игра на светскиот шампионат.
Во втората група во Валјадолид покрај домаќинот на турнир, Шпанија, ќе играат уште Португалија и Северна Ирска.
Веќе десетина дена хокеарите на Македонија со ролерки, кои се дел од Хокеарската федерација на Македонија, тренираат под раководство на двајца руски тренери секој ден од 17 до 19 часот во салата „Борис Трајковски“, учејќи ги првите чекори на овој, за нас се' уште спорт во зародиш. Тоа се, главно, поранешните хокеари, некои веќе во поодминати години, но и многу млади кои досега тренираа хокеј под раководство на руските тренери, но само во сала.
Меѓутоа, поради реновирањето на хокеј арената кај салата „Борис Трајковски“, репрезентативците на Македонија во вечерните часови, по 19 часот тренираат на платото меѓу двата блока згради во Градски ѕид во центарот на Скопје, поточно позади Клубот на новинари, бидејќи тука има рамна подлога на која можат да возат ролерки и да тренираат без страв од повреди. Поради вадењето на пластичната подлога, теренот во арената е нерамен, засега не е подготвен за каков било тренинг, се' додека не биде завршено реновирањето.
Хокеарската федерација на Македонија е во преговори со „Веро“ кај банките за да може нејзините играчи да тренираат на паркинг-просторот што, исто така, одговара за тренинг со оглед на рамната и мазна подлога. Малку е чудно и несфатливо, репрезентативците во хокеј на ролерки да тренираат практично на улица, но засега нема услови за тренинг на Арената за хокеј и на спортскиот центар „Кале“, кој поради подолго време не беше во употреба и има многу пукнатини на бетонската подлога.
Репрезентацијата на Македонија на квалификациите во Софија ќе настапи во состав: Николче Симитчиев, Ѓорѓи Механџиев, Стефан Десковски, Алек Трајков, Зоранчо Грковски, Влатко Леов, Самуил Арсов, Ивица Тасков, Иван Бачовски, Владо Мангаровски, Ѓорѓи Грчев, Ристо Никовски, Нино Перковиќ и Филип Контевски.
Предводник на оваа прва генерација на хокеари со ролерки е Алекс Трајков, кој играше во Шведска и кој ќе биде главниот адут во Софија. Се игра со стапови за хокеј на мраз, плочката е пластична, тежи од 80 до 100 грама. На теренот има 4 + 1 (голман) хокеари. |